Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го оствари своето гласачко право на избирачкото место во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае.
Денеска е денот кога народот гласно ќе зборува, кога обновата победува, изјави Мицкоски по гласањето.
Народот масовно излегува на избирачките места и од она што можеме да го забележиме, она што се коментира меѓу граѓаните, е дека народот е подготвен за голема промена што ќе се случи токму денеска, на 15 јули. Се што се случуваше изминатите денови, бројните нерегуларности, ќе остават сериозна трага која ќе биде вид дамка на целиот овој изборен процес, рече Мицкоски.
Тоа, според него, е последниот крик на ова раководство на СДСМ, предводено од Зоран Заев.
Сакам да им порачам на граѓаните, тие ќе сакаат помала излезност, ние сакаме поголема излезност, ваква каква што е сега од раните утрински часови. Очекувам дека до крајот на денот очајните обиди да се изигра волјата на граѓаните ќе бидат оневозможени, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски апелира до секој што има каква било дилема да му слугува, како што рече, на Заев и на актуелното раководство на СДСМ во нерегуларностите, ќе сноси кривична одговорност.
За тоа од утре посебно ќе се внимава како изгледал денот, но и какви беа изминатите денови. Мојата порака е – вразумете се, граѓаните слободно, по своја волја да го изразат своето мислење, да го дадат својот глас зашто нема веќе време за импровизации. Важно е дека доаѓа промената, граѓаните масовно одлучуваат да гласаат за промена, подвлече Мицкоски.
Comments are closed for this post.