Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува на утрешната средба на лидерите на политичките партии кај претседателот на државата да се постигне договор за распишување предвремени парламентарни избори.

Јас повторно ќе кажам и ќе го повторам она што го кажав на почетокот од денешниот настан. Очекувам и да се премисли до утре бидејќи станува збор и за Зоран Заев, знаете кај него и работите се менуваат на часови во основа. Но ајде да претпоставиме дека овој пат ќе биде конзистентен и очекувам да го слушнам предлогот, да видам што подразбира под тоа брзи предвремени парламентарни избори. Па дури потоа би можел да дадам одговор на ваквото прашање. Законот е јасен, се знае што значи парламентарни избори, што значат закони во парламентарни избори итн. Треба тоа едноставно да се испочитува и веднаш да ги распишеме и да формираме техничка влада, технички премиер и да одиме на предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски.

 

Мицкоски нагласи дека е потребен политички консензус.

Ние тоа веќе го предлагаме месеци наназад. Јас и вчера зборев, избори не како избори за пуста власт, туку избори за да направиме нешто што ќе ја определи иднината и развојот на оваа држава.  Онака како што треба да се развива. И затоа е потребен политички консензус. Претпоставувам дека тоа ќе го разговараме утре. Еве самиот тоа го најави доколку не се премислил. Па ќе видиме, ќе разговараме.

Тој нема да прифати предвремени избори без техничка влада, односно ништо што е надвор од законските прописи.

Видете сега тоа е како да ми кажете дали би прифатиле да ја обиете продавницата наспроти, да ја украдете од таму робата и да не одговарате пред законот. Има закони треба законите да се почитуваат. Така, сега. Ние дојдовме до ова дереџе затоа што не ги почитуваме законите, затоа што се играме со законите криенка, миженка. Заради тоа на нас ни се случуваат вакви работи. Си има закон, јасно во законот е детерминирано што значи тоа, е сега ако вие ме прашувате дали доколку бидете лопов го кршите законот, јас ќе кажам не го кршам законот. Само треба да се почитуваат законите. Ништо повеќе, ништо помалку, истакна Мицкоски.