Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната промоција на програмата со која партијта излегува на избори на 15 јули, посочи дека „Обнова“ носи убави нешта за работниците, земјоделците, стопанствениците, пензионерите, невработените, младите и старите, мажите и жените, сите оние кои денес, како што рече, заедно со нас на нозе се креваат, креваат глава гордо и високо, и се исправаат.

Како дел од програмата тој посочи:

За младите кои ќе се вработат мора да има пониски даноци, тие да студираат на барем еден македонски универзитет кој ќе биде во првите 1000 на Шангајската листа, студентскиот стандард ќе биде сериозно зголемен, и ќе бидат обезбедени серијал на мерки кои значат повеќе можности за секој еден од нив. Мора да си ги вратиме децата во нашата земја. Да ги наполниме испразнетите градови и села. За образовните работници, наставниците и професорите ќе извршиме усогласување на платите со Колективниот договор во образованието, што ќе значи плати од 36.000 денари за просветните работници во основното и средното образование, и плати од 100 000 денари во високото образование. Ќе обезбедиме целосно реновирање и реконструкција на студентските домови, ќе одвоиме 4 милион евра за претприемачка иницијатива на млади и одвојување на 1 денар од акцизата на нафтените деривати во малопродажбата. Овие средства ќе се користат за развој на спортот, спортската инфраструктура и науката во спортот.

За земјоделците ќе обезбедиме повеќе пари, субвенции во износ од 640 милиони евра во еден мандат и сигурен откуп. Нов концепт во земјоделието, едноставни и брзи процедури, 80 милиони евра за нови водовдни мрежи во еден мандат, кредитен револвинг фонд за откуп на земјоделски производи, повеќе од 50 посто покривање на трошоците за механизација, добиток и насади.

Битола е град на културата, на револуцијата и на македонскиот копнеж. Ќе го вратиме сјајот во Битола. Ќе овозможиме обнова преку подобри услови за живот, ново автопатско поврзување на Битола со Скопје преку изградба на автопат Велес Битола. Гасификација на Битола, и бесплатен приклучок за секое семејство, пола од трошоците за енергетска фасада и прозорци покриени од државата, Ревитализацијата и модернизацијата на ТЕЦ Битола, за а поцист воздух во Битола, модернизација на фудбалскиот стадион во Битола, осовременување на културните установи во Битола и многу други проекти и содржини. Културата и поддршката на туризмот и младите ќе биде нашиот фокус, но не би зборел за култура повеќе од еден Игор Дурловски кој највеќе знае и умее за оваа област-додаде Мицкоски од Битола.