До крајот на денот се очекува претседателот на Собранието Република Северна Македонија Талат Џафери и официјално за недела напладне да ја закаже седницата за инаугурација на новиот македонски претседател Стево Пендаровски.
Во изјава за МИА, претседателот на Собранието Џафери посочува дека досега потврда дека ќе присуствуваат на инаугурацијата на Пендаровски пристигнала од бугарскиот претседател Румен Радев, од албанскиот претседател Илир Мета и од косовскиот претседател Хашим Тачи. Присутни ќе бидат и заменик премиерот на Турција и делегација од Словенија, од каде, исто така, се очекува одговор дали нивната делегација ќе ја предводи лично претседателот Борут Пахор.
Покани за присуство на инауграцијата преку Министерството за наворешни работи се испратени до сите шефови на држави членки на НАТО и ЕУ, вклучувајќи ги и претставниците на Европската комисија, како и од земјите од регионот.
– Досега е потврдено присуството на претседателите на Бугарија, Албанија и Косово, Радев, Мета и Тачи, заменик премиерот на Турција и делегација од Словенија, рече Џафери.
Седницата треба да започне напладне, а откако ќе биде отворена новоизбраниот претседател треба да даде свечена изјава, ќе има обраќање пред народните избраници, по што ќе следува свечен коктел.