Политичката игра меѓу премиерот Зоран Заев со лидерот на ДУИ Али Ахмети за заштита на нивните лични и политички интереси го избркале од владата помалиот албански партнер НДП. Ова денес во Собранието го кажа Весел Мемеди, лидер на НДП кој и официјално повеќе не е пратеник и потпретседател на Собранието.
Денеска беше констатирана неговата оставка што тој ја најави откако НДП остана без министерот за локална самоуправа Сујхел Фазлиу со последната владина реконструкција на премиерот Заев.
Во своето јавно образложение кажа дека СДСМ користи удбашки методи за да го намали влијанието на албанскиот фактор во Владата.
– Преку таквите методи, се врши притисок и уцена кон сите албански личности и кадри, од функционери па се до најниските административци, за да се одвојат постепено од нивната матична албанска партија, и да ја прифатат политичката платформа на СДСМ како нивна, по можност во иднина и јавно да се зачленуват во СДСМ, се со цел ослабување на улогата на политичкиот албански фактор во власта. Ова е истата логика која ја применуваше и ВМРО кон албанските кадри, и можете слободно и сами да се уверите колку е трагикомично. СДСМ треба веднаш да престане со копирање на лажната и трагичната филозофија што ја наметнала претходната власт, ако веќе не касно, рече Мемеди.
На негово место ќе треба да дојде Арта Точи од Алијансата на Албанците, додека пак, на местото на Горан Милевски кој стана министер парламентот денеска го верификуваше мандатот на Александра Цветковска.
Comments are closed for this post.