Разочаран сум бидејќи знам дека не ме исклучија и не можат да ме исклучат од мојата партија. Ме исклучија од трансформираната фракција на ВМРО, трансформирана во анти-западна, анти – ЕУ и анти-НАТО фракција, управувана од луѓе кои се водени и заробени од сопствената суета и кои практикуваат застарени методи на политичко дејствување наметнато од старите удбашки структури кои се уште се поклонуваат на туѓи антимакедонски и антизападни пропаганди и интереси.

Со овие зборови на својот Фејсбук профил Никола Тодоров реагира на синоќешнта одлука на ЦК на ВРО-ДПМНЕ да биде исклучен од партијата.

„Во таква антиреформска, антизападна, недемократска и антимакедонска фракција на ВМРО јас не се пронаоѓам. Затоа, сакам да им се заблагодарам што со овој чекор ме спасија од срамот да бидам дел од нивната секташка фракција. ВМРО преживеала и поминала многу, ќе ги преживее и нив. За разлика од нивната фракција, мојата партија ВМРО-ДПМНЕ е европска, модерна, центар-десна партија, во која искрено членуваат македонски родољуби, интелектуалци, работници, домаќини луѓе, народот. Македонскиот народ. Напатениот и илјада пати злоупотребениот и изневерен македонски народ. Во мојата ВМРО-ДПМНЕ претседателот на партијата е со ограничен мандат, не повеќе од 8 години(два мандата), Унијата на жени е почитувана организација која обезбедува целосна рамноправност помеѓу мажите и жените… Мојата ВМРО-ДПМНЕ не е изолирана партија. Како што кажав мојата ВМРО-ДПМНЕ е европска, модерна, центар-десна политичка партија. И јас сум се уште со срцето и душата во ВМРО-ДПМНЕ и никој, никој не може да ме исклучи од мојата партија“, истакнува Никола Тодоров.