Ако Бугарија претендира дека има македонски граѓани со бугарско етничко потекло, и Македонија има право да бара почитување на бугарските граѓани кои се изјаснуваат дека се Македонци по род, вели поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија Марјан Ѓорчев, кој во интервју за „Дојче веле“ зборува за работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања, политичката употреба на бугарските пасоши и модалитетите за излез од бугарската блокада.

Македонија треба да извлече поука од непринципиелните преговори со Грција, во врска со оспорувањето на уставното име на македонската држава. Тој спор беше непознаница во меѓународното право. Раритет. Една држава да ѝ го одрекува правото на друга држава да се нарекува така, како што решил македонскиот народ на референдум! Политичкиот систем на државата не се издигна над тесноградиот партиски интерес и не усвои Собраниска Декларација, во која ќе беа наведени вредностите на мaкедонската држава за кои никој не може да преговара. Примерно – името, знамето, границите, нацијата, јазикот, територијалниот интегритет. Во тој случај, меѓународната заедница ќе мора да ги почитува сопствените стандарди и резолуции. Неопходност е во конкретниот случај за спорот со Бугарија околу поимите „заедничка историја” и „национално малцинство”, да се донесе собраниска Декларација, која ќе биде изгласана од сите партии, во присуство на претседaтелот на државата, претседателите на Уставниот и Врховниот суд, началникот на ГШ на Армијата и лидерите на верските заедници. Тогаш, независно кој ја практикува политичката власт, ќе има одврзани раце да не преговара за прашања за кои што не смее да преговара, ниту на билетерален, ниту на мултилатерален план. Тоа ќе биде сигнал за соседните држави и за НАТО и ЕУ, дека македонската држава не бара ништо друго освен она што претставува примена на закон, право, стандард, теорија и пракса во меѓународното право. Ако Бугарија претендира дека во Македонија има македонски граѓани со бугарско етничко потекло, тоа право го има и Македонија – да бара почитување на бугарските граѓани кои се изјаснуваат дека се Македонци по род и примена на Европската конвенција за малцинствата, која е потпишана од двете држави. Тезата дека Бугарија е членка во Унијата, а ние не сме, не значи ништо. Некогаш Бугарија беше дел од Варшавскиот пакт и членка на СЕВ (Советскиот модел на Совет за економска помош), а Македонија како држава во Југословенската федерација преговараше да биде 10-та членка во тогашната Европска Заедница, период 1970-1978 г. Само временските периоди се различни, сѐ друго е прашање на право, принципи и стандарди. Доколку некој мисли да ги прекрши меѓународните норми, нема да ни помогне нашата сервилност, попуштање, слабост и виткање на р’бет. Или ќе бидеме држава достојна да е дел од европското семејство, или нема да нѐ биде!, вели Ѓорчев.