Во Изборниот законик ќе бидат вградени сите оние измени во однос на моделот на изборите за коишто ќе постигнеме консензус, изјави на денешната прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ, одговарајќи на новинарско прашање дали во измените ќе се најде и една изборна единица.

Тој посочи дека е формирана работната група за Изборниот законик и дека сите партии номинирале свои претставници, како и поважните институции и претставници на меѓународната заедница.

На овој начин отвораме процес којшто ќе трае неколку месеци и во коишто ќе се дискутираат и прашањата поврзани со изборниот модел, но и други прашања поврзани со изборниот процес, а пред се се однесуваат на препораките од ОБСЕ/ОДИХР, изјави Маричиќ.

Имаше повеќе идеи, рече тој, вклучувајќи ја и едната изборна единица кои беа промовирани уште пред парламентарните избори, меѓутоа сега откако е формирана работната група за Изборниот законик ќе се влезе во сериозни разговори.

Дали ќе успееме да постигнеме согласност на партиите за една изборна единица ќе видиме од процесот. Мислам дека е вредно да се разговара за сите идеи и вредно е да видиме што е тоа што ќе ја унапреди демократијата, изјави Маричиќ.

Основна цел, продолжи тој, е да се унапреди демократијата, граѓаните да го чувствуваат изборниот процес поблизок и на тој начин да ги мотивираме повеќе и почесто и поангажирано да учествуваат и во политичкиот живот и во изборниот процес.

Во однос на измените на Кривичниот законик, најави дека има два процеси – донесување на релативно брзи измени коишто би предвиделе имплементација на одредени стандарди поврзани со Истанбулската конвенција и поврзани со Законот за насилство врз жените, како брзи измени и стандардите поврзани со поголема и повисока заштита на новинарите и евентуално други поситни измени коишто се однесуваат на спроведување на пресуди од Судот за човекови права.

Овие прашања на конфискација на имот по системски промени или зајакнување на правилата за конфискација би нашле свое место во оној долгорочен процес којшто би требало да трае во текот на наредната година или до средина на наредната година или до крајот на 2021 зависно од динамиката да го донесеме новиот кривичен законик во којшто ќе ги вградиме сите овие прашања, изјави Маричиќ.