Mинистрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, днеск во Софија го потпишаа билатералниот протокол по состанокот на заедничката меѓувладина комисија. Но, како што јавуваат бугарските медиуми, неговата содржина нема да биде обелоденета и највројатно ќе чека на утрешната средба на амбасадорите на ЕУ во Брисел.
Според најавите и ветувањата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, протоколот требаше да биде објавен веднаш по неговото потпишување.
Покрај министерот Османи, во состав на македонската делегација се вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за економија Крешник Бектеши, како и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Потпишувањето на протоколот и одржувањето на состанокот на меѓувладината комисија следуваат откако вчера францускиот предлог беше одобрен од страна на Владата по усвојувањето на заклучоците во македонското Собрание.
Бугарското национално радио објави дека содржината на овој документ се очекува да биде објавена во наредните денови, најверојатно по утрешната средба на амбасадорите во ЕУ во Брисел.
Познато е дека документот е на најмалку 10 страници и содржи конкретни мерки и рокови за обете страни.
Според она што го кажа Османи на последниот брифинг со новинарите, предвидено е заедничко чествување на историски ликови и настани, како и промена на учебниците, но за сите такви промени ќе одлучува Мешовитата историска комисија и за промените ќе треба да се согласат сите седуммина нејзини членови. За работата на историската комисија не се поставени рокови, туку има само охрабрување научниците што побрзо да ја завршат работата за средновековниот период. Други конкретни детали не се познати.
Османи со денови ја уверуваше вознемирената македонската јавност дека протоколот ќе биде објавен и дебатиран пред да биде потпишан, но тоа не го направи. Денеска од МНР беше потенцирано дека протоколот ќе се објави по неговото потпишување.
Comments are closed for this post.