Новинарите во соседството во текот на вчерашниот ден со интерес следеа што се случува во Македонија, како во однос на апсењето на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и добивањето триесетдневен притвор, така и во однос на тоа како сето ова ќе се одрази на понатамошната политичка состојба во замјава.

Онлајн изданијата на медиумите и иформативните портали како „итна“ и „вонредна вест“ преку целиот ден известуваа за спроведувањето и претресот на специјалната обвинителка и одредувањето притвор.

„Македонското правосудство доживеа сериозен удар“, „Катица Јанева, ни слободна, ни уапсена“, „Општ хаос во Македонија, нека се подготви Заев“, „Претрес и притвор за специјалната обвинителка Катица Јанева“, се дел од насловите во онлајн изданијата од соседството.

Српскиот РТС пишува дека македонското правосудство доживеа сериозен удар, бидејќи шефицата на специјалното обвинителсто Катица Јанева, после целодневно испитување и претреси, завршила зад решетки како осомничена во аферата „Рекет“.

Сајтот Н1 во текст за случајот со апсењето на Јанева го пренесува ставот на Владата дека акцијата е доказ дека сите се еднакви пред законот, но и на опозицијата дека ова се обид да се спаси кариерата на премиерот Зоран Заев. Сајтот ја пренесува и изјавата на обвинителката Вилма Рускоска дека не се работи само за мебелот, туку дека очекува докази за многу поголем износ.

Албанскиот Журнал  под наслов „Кој ќе ја наследи Катица Јанева“ ги пренесува изјавите на јавниот обвинител Љубомир Јовевски кој вели дека сега Советот на јавни обвинители треба да избере вршител на должност шеф на СЈО од редот на помошниците од обвинителиво. Но, и на претседателот на јавните обвинители Коле Штерјов кој укажува дека во оваа ситуација постојат правни празнини. Тој потсетува на членот 18 став 4 од Законот за јавно обвинителство кој предвидува: „Ако на јавниот обвинител на РМ му престане функцијата или е разрешен од функција, Советот на јавни обвинители од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на РМ определува обвинител што ќе ја врши функцијата до изборот на нов јавен обвинител“.

Според српска Политика истрагата со корупција отвора политичка криза во Македонија. Под наслов „Рекет фрла ново светло на Преспанскиот договор“, угледниот политички магазин пишува дека македонското политичко лето во потполност ќе биде одбележано со афери кои ја потресуваат законодавната, извршната и судската власт во Македонија, дури и Преспанскиот договор.

Весникот го пренесува ставот на министерот за надворешни работи Никола Димитров кој дистанцирајќи се од аферата „Рекет“ на многу дипломатски начин се оградил од сите членови на владата кои се фотографирале со првоосомничениот Бојан Јовановски алијас Боки 13.

Ставот на Димитров го коментираат и како ограда и од самиот премиер Зоран Заев, бидејќи и тој се фотографирал со Боки 13 и разговарал со него за хуманитарни проекти во неговиот кабинет.