Што не разбираат Бугарите за новопромовираниот таканаречен „Македонски концепт“ или зошто Македонците не го сфаќаат истиот тој „Македонски концепт“.
Овие прашања се наметнуваат откако во бугарските медиуми филантропот Андреј Врабчев се обиде на бугарската јавност да и предочи зошто за Бугарија е важен „Македонски концепт“, што, пак, кај домашната отвори низа недоумици. Дотолку повеќе што со неговата промоција доаѓа до отворен судир меѓу концептот на власта именуван како Едно општество за сите, кој за „Македонски концепт“ претставува пропаднат проект.
Случајно или не, Врабчев без огради „Македонски концепт“ го става на трасата на отворени бугарски позиции во Македонија преку новата генерација овдешни македонски Бугари, за кои вели дека треба да претставуваат брана на западните сојузници, нормално и на Бугарија и на Македонија, од руската пенетрација, влијание и хибридни напади во двете држави.
Меѓутоа, крајно индикативно е што притоа се превртуваат тези. Па така, како главен протагонист на српското влијание во Македонија се именува претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, кому му се ставаат во уста зборови и изјави, кои не ги има изговорено, а се поврзани со српските четници. Наспроти тоа, коалициониот партнер на владејачкиот СДСМ, Драгиша Милетиќ, кој во 90-тите години беше директно поврзан со истите тие српски четници, сега не се споменува и едноставно се амнестира.
Но, суштината не е нападот врз ДПСМ, туку најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ како нејзин главен коалиционен партнер. И самиот Врабчев наведува дека појавата на „Македонски концепт“ е напад врз ВМРО-ДПМНЕ. Но, не само врз неа, туку и врз бугарската ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов кој, пак, е коалиционен партнер на владејачката партија ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов.
И, всушност, главната цел на „Македонски концепт“, според Врабчев, е предизвикување отворен судир меѓу лидерите на двете партии од двете страни на границата Каракачанов и Мицковски, пред се, околу припадноста на Гоце Делчев и, нормално, (не)прифаќањето на Договорот за добрососедство.
Јавно изнесените ставови на Врабчев доаѓаат во момент кога „Македонски концепт“ наголемо се најавува по билборди во Скопје, а веројатно и во внатрешноста на државата, но јавно не ја изнесува суштината на својата идеја. А таа е, како што вели филантропот, терминот „македонски“ треба да започне да се разбира како политички државен идентитет. Или, Македонците да се разбираат така како што се разбирале „на времето“, односно за Македонец да се смета секој кој е од Македонија. И сега, во ново пакување, проследено со формулацијата-демократска Македонија на Македонците, што треба да претставува замена на наводно коминтерновската идеја-Македонија на Македонците.
Но, и да е така, прашање е колку „Македонски концепт“ може да влијае или да има некаква реална улога и влијание, па политички, како Македонци, да се изјаснуваат, пред се, и Албанците во Македонија, а по нив и Турците, Власите, Србите… За Македонците, пак, сведени на чисто политички идентитет и да не говориме. Зашто, вака како што се претставува е чист бугарски неоврховизам.
Comments are closed for this post.