Отворање нови лекторати во странство, вработување лектори во јавните институции, формирање инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик како посебна институција, електронски корпус на сите научни истражувања од македонистиката, се меѓу одредбите во Предлогот за изменување и дополнување на Законот за употребата на македонскиот јазик за кој денеска се одржа јавна расправа.

Проф. Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, кој е предлагач на измените, изјави дека две години работеле на создавање на, како што рече, практично нов закон за доусовршување на македонскиот јазик, кој треба да го замени постојниот од 1998 година.

-Стандардниот јазик е огледало, столб на државата и неа ја претставува. Нам ни претстојат и евроатлантски интеграции и ние мора да излеземе како сите европски држави со еден чист, убав, солиден, издржан стандарден јазик. Се надевам дека ќе создадеме закон кој ќе ги обедини сите, не само Македонците, туку и сите што живеат во оваа држава и на кои македонскиот им е мајчин, зашто во оваа смисла македонскиот јазик е и обединувачки, рече Спасов