Кога сте подготвени едно прашање да решите по секоја цена, тогаш цената е највисока. Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати.
Ова, меѓу другото, го истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов пред пратениците во своето годишно обраќање.
На почетокот тој се осврна на досегашниот период на кохабитација и соработката со Владата околу своите надлежности. Но, потенцираше дека има суштински важни причини поради кои кохабитацијата е ставена на тест. Иванов потсети дека при преземањето на својот втор претседателски мандат дал заклетва дека ќе го брани Уставот и уставниот поредок и повтори дека ќе се придржува до тоа и нема намера да отстапи до последниот ден од мандатот. За решителноста, како што рече, има многу добра причина, зашто токму за време на вториот мандат Република Македонија се соочува и со внатрешни и со надворешни закани и ризици по нејзиниот суверенитет, територијален интегритет, независност.
Се вели дека вистината ги разобличува лагите, ги открива неисполнетите ветувања, ја разоткрива нечистата совест. А, има многу нечиста совест во однос на Република Македонија, рече Иванов.
Шефот на државата во обраќањето потсети дека неодамна во Париз, на учеството на одбележувањето за 100-годишнината од крајот на Првата светска војна, во француската библиотека на мирот ја донирал книгата „Македонскиот јазол” од првиот германски амбасадор во Република Македонија, Ханс Лотар Штепан. Зашто, нерешеното македонско прашање, како што рече, беше причина за балканските војни и влијаеше на сојузите во Првата и Втората светска војна.
Она што е многу важно е дека македонскиот јазол не може да се пресече, туку мора многу внимателно да се разврзува. Бидејќи, сечејќи го јазолот се сече и дели македонскиот народ. Како и сите мои претходници, така и јас како претседател работев на разврзување на тој јазол. Бев свесен дека постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Но, во изминативе две години на власт дојде некој кој си мислеше дека е доволно да го пресече јазолот и со тоа да го реши македонското прашање, и тоа по секоја цена, рече Иванов.
И токму во тоа, според него, е проблемот, зашто кога едно прашање се решава по секоја цена, тогаш цената е највисока. Цената на ваквото решавање на македонското прашање, како што рече, е правно и историско поништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, додаде, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување, со што Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Така, Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. Спогодбата од Преспа, донесена со изговор дека треба да стави крај на спорот за името со Грција и да го отвори патот за членство во ЕУ и НАТО, всушност, според претседателот, и става крај на Република Македонија каква што ја знаеме. Притоа, тој се осврна на македонскиот јазик.
За македонскиот јазик се избориле оние кои имале храброст да го зборуваат тогаш кога бил забранет, да го кодифицираат тогаш кога бил негиран, да го промовираат тогаш кога бил игнориран. Тие го заштитија македонскиот јазик, а оваа власт само го сведе на монета за поткусурување. Актуелната власт почна да се пазари со оние кои претендираат да го држат клучот на нашето минато и кои го оспоруваат нашето историско право на постоење и самоопределување. Наместо заштитен, македонскиот јазик е изложен на нападите на оспорувачите кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат опресија врз македонскиот идентитет, рече Иванов.
И токму во вакви, како што рече, нездрави услови, проработе имунитетот на македонското општество против наметнатото решение. Референдумот беше неуспешен. Со недоволната излезност на референдумот, народот се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. На 30 септември, со негласање, тивкото мнозинство донесе гласна одлука. Одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име, ниту право да тргува со идентитетот. Меѓутоа, мнозинството во Собранието не само што не ја почитува, туку оди спротивно на волјата на народот.
Иванов потоа се осврна на договорот за добрососедство со Бугарија и, како што рече, третиот голем предизвик за македонската држава – а тоа е Тиранската платформа. Според него, Законот за употреба на јазиците, на начинот на кој што е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите и во него речиси нема член во кој не е прекршен Уставот.
Доколку противуставниот закон за употреба на јазиците стапи на сила, тогаш македонскиот веќе нема да биде lingua franca, што ќе го обединува македонското општество, рече претседателот Иванов.
Според него, не може да се сака Македонија, а да не се сакаат Македонците, не може да се сака Македонија, а да не се сака македонскиот народ. Притоа запраша зошто ние да бидеме единствената држава без државотворен народ на Балканот? И додаде дека како што со спогодбата од Преспа се негира македонскиот народ, а со слободното толкување на договорот со Бугарија се деконструира македонската историја, така со Тиранската платформа и противуставниот закон за употреба на јазиците се прави обид за демонтирање на македонската држава.
Иванов во продолжение говореше и за неговите обврски, но и од неопходноста од реформи, што мора самите да ги спроведеме.
Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А јас како нејзин Претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам, рече на крајот Иванов.
Потписот на Заев-мое вето
Нема ден, а некој да не ме праша зошто ги прифатив, а уште повеќе зошто не ги активирав гаранциите на Заев за да му го дадам мандатот. Мојот одговор е дека со неговиот потпис на тие писмени гаранции јас ставив вето на законот за употреба на јазиците и законот за ратификација на спогодбата од Преспа. Со тоа, гаранциите се активирани. А активирани се бидејќи сме соочени со апсурд. Уништувањето на државата се оправдува со обезбедување на иднина за државата. Од таканаречена заробена држава чувствувам дека станавме и уценета држава. Од надвор не уценуваат соседите, внатре се уценети многу носители на одлуки. Уцената стана основно средство за остварување на целите, рече претседателот Иванов.
Потоа Иванов направи паралела меѓу неговата одлука за помилување и актуелната амнестија и притоа посочи дека единствената разлика е во целите. Негова цел била помирување, а на сегашното мнозинство обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување. Додека тој сакал да спречи хаос, со амнестијата сега се создава хаос и се руши правната држава.
Потпис за разоткривање
Законот за амнестија го потпишав не заради големото мнозинство со кое го изгласавте, ниту заради повеќето луѓе кои најверојатно ќе бидат опфатени со амнестијата. Ако вие Законот за амнестија го донесовте заради пратениците со цел да ви поминат уставните измени, јас го потпишав за да ги разоткријам вашите вистински цели и намери, дека оваа амнестија не е за помирување туку за уценување. Со вакво помирување не може да се помири македонскиот народ. Но, законот го потпишав и поради патриотите чија ненасилна љубов кон татковината очигледно била злоупотребена за други цели. Овој закон за амнестија нека биде сведоштво за двојни стандарди, бидејќи двојните стандарди се насилство против правдата. А без правда нема вистинско помирување, без правда нема мир.
Кој ќе не чува од чуварите?
Од тука сакам да ја запознам целата македонска јавност за една многу важна работа. Постојано ми стигнуваат информации дека врз основа на усна наредба, повторувам, усна наредба, се врши следење, снимање и прислушкување на Претседателот на државата, на членовите на неговото семејство и членовите на неговиот Кабинет. А тоа е само индикатор дека се менуваат системи, називи, влади, министри и директори но, по се изгледа дека УДБА си останува УДБА со удбашки методи.
Точно е дека се нудат реформи. Но понудените реформи се повеќе форма и фасада а помалку суштина. Забелешките на Прибе суштински не се исполнети.
Со предложените реформски закони се прават обиди концентрацијата на моќ од МВР да се пресели во Владата, нелегалното да се легализира, незаконското да се озакони, а вечните предизкувачи на кризи да се понудат како спасители од кризи, се разбира, откако сами себе ќе се реформираат според само ним познати критериуми. Со несуштинските реформи се остава голем простор за злоупотреба и нарушување на основните човекови права и слободи. Ве потсетувам дека следни жртви на вакви злоупотреби можете да бидете токму и вие. Се заборава дека освен моќта, треба да се пренесе и одговорноста. Затоа прашувам, кого чуваат чуварите и кој ќе не чува од чуварите?
Прашањето за името постаро од државата
Ќе ве потсетам дека ова беа целите и на основоположниците на суверена и независна Република Македонија. Еден од нив, претседателот Киро Глигоров истакна дека прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија. Постаро е дури и од државата. Ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа име и со тој идентитет. И денес, од оваа говорница, се уште се надевам дека ова парламентарно мнозинство ќе смогне сила и ќе го послуша гласот на народот и ќе ја отфрли преспанската спогодба и амандманите за промена на Уставот.
Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А јас како нејзин Претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам.
Comments are closed for this post.