На иницијатива на владата на Северна Македонија на Самитот во Познањ ќе биде усвоена Декларација на земјите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во процесот на проширување на ЕУ, соопшти владината прес служба.

Еден од документите што ќе бидат усвоени на годишниот Самит за Западен Балкан што денеска и утре се одржува во Познањ, Република Полска, ќе биде и Декларацијата на земјите од Западен Балкан за интеграција на Роми во рамки на процесот на проширување на ЕУ.

„Декларацијата која беше предложена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија на 17-ти мај 2018 година, иницираше регионална посветеност за интеграцијата на Ромите како дел од процесот на проширување на ЕУ, а ќе биде потпишана на Форумот на лидери од земјите на Западен Балкан, во петок на 5 јули“, се наведува во соопштението.

Декларацијата ги опфаќа и основните принципи неопходни за постигнување на поставените цели, вклучувајќи внатрешна координација, распределба на буџетот, следење и известување, учество на Ромите и ги поставува основните принципи за постигнување на стратешката цел на Националната стратегија за Роми 2014-2020.