На маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ и државите кандидати за членство, што се одржува во Хелсинки, шефовите на дипломатиите на  Македонија и Кипар, ќе имаат средба и ќе потпишат документ за воспоставување на дипломатски односи меѓу двете земји. Средбата на Никола Димитров со Никос Христодулидис ја потврдуваат и од македонското и од кипарското МНР, jави дописничката на МИА од Атина.

На маргините на состанокот, се очекува министерот Димитров да оствари и повеќе билатерални средби со свои колеги, а со кипарскиот министер за надворешни работи, предвидена е и церемонија за потпишување на документ за воспоставување на дипломатски односи со Република Кипар – соопштуваат од макеонското министерство.

Датумот за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји бил договорен на средбата на Димитров и Христодулидис, минатиот месец во Атина, за време на конференцијата на „Економист“, на која учествуваа двајцата министри.