Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во Аман беше примен со највисоки државни и воени почести од Кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори Ибн Ал Хусеин, во рамки на неговата официјална посета на Јордан.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, на средбата се разговарало за севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Јордан, а биле разгледани и можностите за нивно продлабочување во повеќе области од заеднички интерес.
За нас е од огромно значење што вие ја признавте Република Македонија под нејзиното уставно име. Тоа многу значи за нас и за нашиот народ, особено за многу Македонци кои живеат во Јордан. Ние како две земји, иако сме на различни простори, и Македонија на Балканот и Јордан на Блискиот исток, се земји кои покажуваат модел на успешен соживот. Хашемитското Кралство Јордан претставува позитивен пример кој придонесува за стабиноста на Блискиот Исток. Затоа, со задоволство можам да истакнам дека соработката на нашите две држави на полето на разузнавањето, размената на информациите за заканите од Блискиот Исток кои доаѓаат во Европа се од огромно значење за нас. За разлика од другите држави кои ја толерираат различноста, во Јордан и во Македонија таа се почитува. Почитувањето на различноста е многу повозвишена филозофија од толеранцијата – изјави претседателот Иванов.
Од своја страна, јорданскиот крал Абдула Втори, ја потенцира важноста на оваа посета поради тоа што претставува можност да се надградат разговорите остварени во Обединетите Нации пред неколку месеци.
Главната работа е што имаме силни врски преку нашите студенти што одат во вашата земја и се надевам дека со вашето присуство тука можеме да идентификуваме различни области што можат уште повеќе да не зближат. Политички, имаме многу добри односи, исто така на разузнавачко ниво, и на воено ниво имаме oдредена соработка – изјави кралот Абдула Втори.
За време на посетата на Јордан, македонскиот претседател ќе одржи предавање во Советот за светски прашања на тема: „Балканот, Кавказот и Блискиот Исток: Бермудскиот триаголник на Европа” и ќе го посети Бирото за дизајн и развој на Кралот Абдула. Претседателот Иванов ќе оствари и средби со премиерот на Кралството Јордан Омар Разар, со претседателот на Сенатот Фаисал Ел-Фајез, со спикерот на Претставничкиот дом Атеф Таравнех, како и со членовите на Претставничкиот дом.
Македонскиот претседател во Јордан е придружуван од сопругата Маја Иванова, која оствари средба со Кралицата на Хашемитското Кралство Јордан Ранија Ал Абдула. Во рамки на Дамската програма, Иванова ќе ги посети Фондацијата „Jordan River“, невладина организација чиј фокус е безбедноста на децата и зајакнување на заедницата, како и Детскиот музеј „Јордан“, кои се основани од Кралицата Ранија.
Comments are closed for this post.