Премиерот, Зоран Заев, го прими поранешниот претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски, кој на средбата дојде во својство на член на Подгорочкиот клуб на поранешни претседатели на држави и шефови на влади на земјите од регионот.
Како што соопштија од владината прес-служба, за време на средбата, поранешниот претседател Црвенковски го информирал премиерот Заев за иницијативата на Подгорочкиот клуб да организира регионална конференција во Скопје на тема „Проширувањето на ЕУ на крстопат“ што би требало да се случи на почетокот на јуни, оваа година.
Како што истакнал Црвенковски на средбата, целта на таа конференција ќе биде да се поттикне и обезбеди поддршката за пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, со декларација што од конференцијата ќе им биде испратена на лидерите на Европската Унија со укажување на негативните последици на национално и регионално ниво што би произлегло од евентуалното одлагање на овој процес.
Заев ја прифатил поканата да ја поддржи конференцијата и да биде домаќин на прием што по тој повод би бил одржан за учесниците на настанот, стои во соопштението.
Comments are closed for this post.