Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, оствари билатерална средба со министерот за национална одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис, кој беше дел од високата грчка делегација, предводена од премиерот Алексис Ципрас, во официјалната посета на нашата држава.

На средбата, министерката Шекеринска и министерот Апостолакис потпишаа нов сеопфатен Договор за соработка во одбраната, 20 години по потпишувањето на првиот Договор за соработка од овој тип.

Денеска сме сведоци на огромен чекор напред во зацврстувањето на соработката во одбраната меѓу Северна Македонија и Грција. Иницијативата за потпишувањето на Договорот произлезе нашата прва министерска средба на 13 февруари во Брисел. Од нашиот прв состанок зборуваме со еднаква посветеност суштински да ја засилиме соработката во одбраната, да покажеме дека сојузништвото во НАТО кон кое нè води Преспанскиот договор е исклучиво во интерес на граѓаните на двете земји. Договорот за соработка во одбраната ја покажува нашата посветеност за соработка“, рече министерката на заедничкиот состанок на двете делегации.

Министерот Апостолакис потенцираше дека неговата посета претставува печат на силната волја да се засили и прошири билатералната соработка и да се подигне на ниво на стратешко партнерство во областа на одбраната. Тој посочи дека двете земји ја пратиле пораката на помирување и соработка.

Договорот за соработка во одбраната што го потпишавме е јасен доказ за нашата силна намера да отвориме нова ера во билатералната одбранбена соработка меѓу двете Армии“, рече Апостолакис и потенцираше дека тој и министерката Шекеринска имаат еднаква решеност соработката што поскоро да покаже резултати.

Во договорот се наведени областите на соработка од взаемен интерес – стратешкиот дијалог, одбранбената политика и доктрини, развој на одбранбените способности, одбранбеното планирање, логистиката, воената медицина, военото образование…

Министрите Шекеринска и Апостолакис заклучија дека денешната средба и новиот Договор за одбранбена соработка се исклучителна можност за нова стратегиска соработка на билатерален, регионален план, но и како сојузници, во рамки на НАТО Алијансата.

Во рамки на посетата, министрите Шекеринска и Апостолакис ги посетија воените оркестри на двете земји кои се подготвуваат за заедничкиот концерт на 5 Армии на кој ќе се одржи во рамките на одбележувањето на НАТО неделата, во Скопје.