Во четврток и петок, Република Македонија во Брисел ги почнува пристапните преговори за членство во НАТО, што се совпаѓа со собраниската расправа за уставните промени, согласно Договорот со Грција.
Како што соопштија на заедничката прес-конференција во Владата, вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, со ова Македонија ја почнува последната фаза пред полноправното членство во Алијансата.
Според вицепремиерката Шекеринска, Република Македонија влегува во преговорите подготвена и со оптимизам, а потсетувајќи дека тие се совпаѓаат со расправата за уставните промени, таа потенцираше дека двата процеса се нераскинливи.
Членството во НАТО секогаш била точката, што не поврзуваше и кога бевме меѓусебно најраскарани и најподелени. Со гласањето ЗА за уставните промени од страна на пратениците ние ги правиме финалните чекори на нашиот 27-годишен маратон. Успехот на Македонија зависи од нивната одлука, рече Шекеринска.
Споделувајќи ги резултатите од најновите анкети, според кои дури 84 отсто од граѓаните се за членство во НАТО, министерот за надворешни работи Никола Димитров посочи дека пристапните преговори треба да завршат до крајот на оваа или почетокот на идната година.
На една страна го имаме членството во НАТО, каде ќе влеземе како Македонци, а на друга е неизвесноста. Не смееме да бегаме од одговорност и ништо, никакви лични или партиски интереси, не е поважно од сигурна и безбедна иднина на државата и нејзините граѓани, нагласи Димитров.
Националниот координатор Пендаровски истакна дека во Брисел ќе бидат одржани две сесии на кои ќе биде презентирана Нацрт програмата за реформи. На првата ќе бидат разгледани политичката и безбедносната подготвеност, а на втората буџетот и останатите ресурси.
Comments are closed for this post.