Република Македонија ги преживува најтешките моменти од својата самостојност кои ќе бидат врежани во идните моменти од борбата за државност, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ. Како што истакнуваат, македонска судбина е таква што сега на мрачен, шверцерски и мафијашки начин се обидуваат да го избришат, искорнат македонскиот народ, историјата, културата, државата. Но, како што велат од опозициската партија, „македонскиот пиреј ги издржал и грчките андарти и колонизаторите, и германските и бугарските фашисти и ОСОБЕНО нивните домашни соработници“.

Република Македонија никогаш нема да биде уништена. Република Македонија е создадена врз крв и дела за почит, која што денешната власт ја нема. Република Македонија е создадена врз идеја која што оваа капитулантска власт никогаш нема да ја избрише. Република Македонија е врвот на македонската борба за самостојност и зачуван идентитет. И така и ќе остане.
Почитувани, секогаш имало такви кои за грст златници го лечеле наталожен гнев од личниот неуспех со обид за бришење на државотворната идеја. Историјата памети, а останале и запишани, како во Манифестот од АСНОМ, имињата на оние кои се одродиле и застанале спроти националните интереси. Така било така е и сега, изјави партискиот портпарол, Наум Стоилковски.

Како што додаде тој, „силувањето на демократијата кое го доживува Република Македонија уште повеќе го поларизира општеството и ја однароди власта. На виделина се покажа вистинската причина за политичкиот терор, за заднината за 27 април, за затворањето на пратеници, уметници, патриоти.

Уште еднаш целосното беа погазени Уставот, законите, деловникот, демократијата. Згазени се човековите права, згазени се основите на човечноста и достоинственоста на цел народ. Тоа не се европски западни цивилизациски вредности. Креиран е чин кој води кон етноцид, кон бришење на цел еден народ и неговите одлики! Нечовечноста на Заев е изворот на гнев кај македонскиот народ по неуспешниот Референдум и уште повеќе ги продлабочи поделбите меѓу народот и неговата капитулантска власт. Референдумот беше јасен – менување на името на државата Република Македонија, менување на македонската историја, традицијата, културата, менување на македонската борба е неприфатливо – потенцира Стоилковски.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа до, како што велат, „Заев, СДСМ и нивните платеници“ дека договорената капитулација никогаш нема да заживее кај Македонскиот народ и дека многу скоро ќе мора да се соочат со граѓаните, по што оваа антинародна и недемократска власт многу скоро ќе замине во историјата каде Зоран Заев и неговата банда ќе останат запишани како „Влада која потпиша и насилно спроведуваше капитулација со бришење на македонскиот идентитет!“.