Следниот период во Македонија покрај претседателски, ќе се одржат и локални избори во неколку општини. Ова се случува поради смрт на двајца градоначалници додека еден си поднесе оставка од функцијата.

Петмина кандидати поднеле кандидатури за предвремените избори за градоначалник на Охрид, а по двајца за градоначалници на Ново Село и Дебар. Локалните избори за овие три општини ќе се одржат заедно со претседателските. Првиот круг треба да се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај. Жребувањето за редоследот на кандидатите за градоначалници на трите општини ќе се одржи в понеделник.

Во трката за градоначалник на Охрид се Нихаил Трендафилов – Нанче од партијата Граѓанско-демократска унија, Митре Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Константин Георгиески од СДСМ, Стевче Стевоски како кандидат на политичката партија Демократи и Џемал Мена од движењето „Беса“.

Изборите за градоначалничката функција беа распишани поради ненадејната смрт на градоначалникот на Oхрид Јован Стојаноски, кој почина на 15 декември минатата година.

За испразнетото градоначалничко место во Ново Село кандидати се Никола Андонов од СДСМ и Николчо Стоилков од ВМРО-ДПМНЕ.

Во Ново Село ќе се избира нов градоначалник, бидејќи поранешниот Боро Стојчев поднесе оставка откако беше осуден на затворска казна за обид за шверц на цигари.

Во трката за градоначалник на Дебар, на предверемените локални избор, на 21 април ќе учествуваат двајца кандидати. Тоа се познатите дебарски доктори, Хекуран Дука, кој е кандидат на ДУИ и Арбен Аголи на Алијасата за Албанците, поддржан од Движењето „Беса“.

На изборите со свои кандидати одлучија да не учествуваат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, од каде потврдуваат дека се уште немаат став кому од кандидатите ќе му дадат поддршка.