Македонецот е измешан со три вида патриотизам.
Овој, можеби малку познат податок, е всушност (пр)оценка на британската Канцеларија во Солун, содржан во нејзиниот извештај до Форин офисот со датум од 10 октомври 1945 година во главата посветена за Славомакедонското гледиште. Документот, пак, е содржан во книгата „Сведоштва за македонскиот идентитет„, што е објавена во 2010 година од Институтот за национална историја.
Времето кога е подготвуван извештајот и самата локација, сами по себе доволно говорат. Значи, станува збор за периодот по Завршувањето на Втората светска, но пред почетокот на Граѓанската војна во Грција. Треба да се потенцира дека британските (пр)оценки се однесуваат на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, кои, нели, со договорот со Грција веќе нема да постојат, а добиваат на тежина во светлината на домашните прозивки за тоа што е вистински патриот и патриотизам.
Според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, патриотизам е именка од машки род и означува емоционална поврзаност со татковината и нацијата. За разлика од национализмот и шовинизмот, патриотизмот не ја поставува сопствената нација над другите нации, а неговото значење е счично со родољубивост или родољубие.
Но, еве што стои во британскиот документ за македонскиот патриотизам:
„…Македонецот е измешан со три вида патриотизам. И покрај фактот што под грчка контрола, а особено под Метаксас, кон него не се однесуваа добро, тој ја задржа големата лојалност кон грчката држава. Ова навистина може да биде лојалност на сираче кон поочим, но тоа е присутно, дури иако тоа ослабна кога со окупацијата грчката контрола беше уништена и стана доминантно италијанското и бугарското влијание.
Второ, Македонците имаат длабок локален патриотизам. Селото е еден ентитет како што е и фамилијата, и нивната полунезависност љубоморно ја чуваат. Се разбира, во ова Македонците покажуваат сличност со Грците. Оваа самодоверба и локална лојалност е природна последица на една променлива историја.
Третиот патриотизам е еден кој, имајќи ги предвид условите, е неодреден, но како и да е, е длабоко вродено чувство, имено лојалност кон духот на Македонија.Тоа е лојалност чиј интензитет е тешко да се измери, бидејќи тој е сопственост на Македонецот и е негов и само негов.
Овој македонски патриотизам наоѓа свој надворешен израз, на пример, во многу традиционални народни песни, кои не познаваат физички граници, но се полни со едноставна љубов кон татковината. Меѓу тие песни е општопознатата „Маре мори, Маре„, приказна за девојка чиј љубовник не се вратил од војна…
Територијалните аспекти се илустрираат со песната, во слободен превод „Маре Прилепчанка„, „Маре од Прилеп„, чија мајка се обидела прво да ја омажи за човек од Прилеп, потоа за еден од Битола (Монастир) и на крајот за еден од Костур (Касторија). Една маршовска песна има дел „Македонци, деновите на ропство се завршени„.
Во сите овие песни е истата тема, длабоката љубов на Македонците кон својата татковина и особено кон нивното сопствено парче од неа. Не е чудо во светлината на овој силен локал-патриотизам дека Македонците исто така ќе бараат национална нрзависност. Оваа трета лојалност се изразува себеси доволно во повратниот облик кон автономија…„.
Очигледно, Британците одамна не имале ставено под скенер и ние сега не треба да измислуваме топла вода. Особено во делот на „лојалност на сираче кон поочим„, зашто и не е важно дали поочимот е во Атина, Белград, Софија, Брисел, Вашингтон…
Comments are closed for this post.