Околу 120 илјади граѓани на Македонија секојдневно се борат со предизвиците што ги носи фактот дека се засегнати од ретка болест. Тоа е бреме со кое никој не може да се справи сам, без поддршка и разбирање од околината. Но, наскоро сите оние што се соочуваат со некоја ретка болест ќе имаат подобрена платформа за комуникација, за добивање поддршка и пред се информација, поврзување и насочување со цел да ги остварат своите здравствени и социјални права.

Таа платформа е наречена „Линија за помош“, на здружението за ретки болести „Живот со предизвици“, од каде што ќе вложат еден милион и 50 илјади денари во подобрување на тој систем за комуникација. Финансиските средства се донација од фондацијата Трајче Мукаетов, којашто го организираа хуманитарниот хепенинг за донација и за подигнување на општествената свест за проблемите на луѓето со ретки болести.

Во рамки на хуманитарниот хепенинг, сите учесници добија маички, коишто претставуваа официјален дрес код за манифестацијата. Тие се дизајнирани од македонскиот уметник „ТиноСки“, а пораката што со нив се испраќа е дека „Љубов е се што ни треба“ – подадена рака и почит за сите поединци кои се соочуваат со стравот, неизвесноста, лутањето, паниката, очајот, пресвртите и превратите во борбата со ретките болести.