Скандалот со рекетарско – политичко – судско – медиумскиот октопод секој ден добива нови и нови димензии. Затоа влегуваат од лага во лага и со тоа уште повеќе се заплеткуваат, изјави на денешната прес-конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.

Поставувајќи прашања која здравствена установа и го издала боледувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и дали комисија од Фондот за здравство ја проверила неговата веродостојност, Ласовска изјави:

Со оглед на тоа што Катица Јанева четири дена бега од соочување со јавноста да даде одговори за сомнежите, кои се врзуваат за неа, објективно е да се сомнева дека таа веќе ја напуштила државата злоупотребувајќи го оправдувањето со боледување. Тоа само потврдува како површно и тенденциозно се води постапката и истрагата за откривање на овој огромен скандал. Целокупната јавност се сомнева дека не е возможно лицата кои се осомничени за овој рекет тоа да го правеле без поддршка на структури на СЈО, па и самата Јанева, а уште помалку без знаење на власта, па и лично од самиот премиер Зоран Заев.

Според Ласовска, ако веќе постоеле индиции дека Јанева е вмешана во криминален октопод, кој изнудувал, рекетирал и се заканувал на осомничени во постапка на СЈО, истрагата не смеела да се сведе само на одземање на еден од двата телефони на Јанева. Таа запраша  дали е викнат на распит синот Лазар Јанев и дали тој е дел од истрагата за случајот „Рекет“, дали во текот на истрагата во запленетите компјутери кај осомничените се пронајдени материјали, дали тие материјали се идентични или дел од материјалите кои се во посед на СЈО, дали во прибавените докази има материјали, што се обезбедени од МВР од лице кое е вработено на висока позиција таму, кое патем е блиско на лицето Фрики од рекетарските приказни и конечно дали од истрагата на надлежните се утврдило дали осомничениот Боки 13 контактирал телефонски или остварувал средби со Зоран Заев во Владата во изминатиот период за кој се товари дека вршел изнуда или рекет.

Ова е премногу сериозен скандал. Ова е октопод во кој приведените се само пипците, а главата се многу помоќни политички и правосудни структури. Во интерес на правдата неопходна е детална и длабока истрага, а не само декларативна борба со криминалот. Овој случај е вистинската вистина за Македонија, кој јасно ќе ги разобличи причините и последиците на еден процес кој се одвиваше изминатиот период, изјави Ласовска.