Премиерот Димитар Ковачевски во изјава за МИА дадена во Братислава вели дека на средбата со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ќе се разговара за две работи – за одлуките потребни за европската интеграција на државата и за добрососедските односи.

– Тоа е нешто што ќе го разговараме со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и со неговиот тим, бидејќи ќе биде средба на која што ќе присуствуваат тимовите и ќе треба да се изнајде начин практично од нивна страна да ја поддржат оваа одлука, бидејќи оваа одлука е практично глас за нашата интеграција во ЕУ и не смее и не може да биде предмет на дневно-политички калкулации или на добивање политички поени. Иднината на граѓаните, на сегашните и на идните генерации е далеку позначајна од кариерата на кој било политичар и треба да се надминат и личните и идеолошките разлики во делот на носењето на ваквите одлуки, бидејќи ова е обврска на сите политички партии и на сите пратеници во Собранието, истакна Ковачевски во изјава за МИА дадена по средбата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.