Уставните измени се токму за продолжување на европскиот пат на државата. Сега зависи исклучиво од нас. Сега зависи од тие 120 пратеници во Собранието. И ако ме прашате дали има доволно пратеници во Собранието, во Собранието има 120 пратеници, не 80, не 90, не 100, не 110. Во Собранието има 120 пратеници, кои сите имаат одговорност не пред мене, не пред Владата, тие имаат одговорност пред своите деца, пред децата на нивните пријатели, на нивните роднини да донесат одлука, со која што ќе им обезбедат иднина, која значи членство во ЕУ.
Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Еди Рама, во одговор на новинарско прашање дали има доволно пратеници за уставни измени со оглед на тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема мнозинство.
-Тој пат нема да биде лесен, како што нема биде лесен за Македонија тој нема да биде лесен ниту за Албанија. Тоа е пат на преговори, на реформи, на менување на општеството кон подобро. Ама на крајот на тој пат, на крајот на секој тежок пат е големата награда – а тоа е полноправно членство во ЕУ. Големата награда е нашите граѓани, идните генерации да живеат во ЕУ. Големата награда е да имаме горди Македонци и сите граѓани на оваа држава со крената глава, со македонски јазик, со македонски идентитет да бидат членови и жители на ЕУ, рече Ковачевски.
Тој оцени дека Собранието има капацитет да донесе одлука со која што ќе го продолжи европскиот пат на државата, а нема, вели, да биде причина за да се враќаме повторно два, три чекори назад во време на неизвесност, во време на изолација и во време кога не знаеме што не очекува во секој утрешен ден.
-Нашите пратеници знам дека ќе донесат одлука со која што и на граѓаните и на институциите ќе им овозможат јасна визија дека оваа држава се движи во полноправно членство на ЕУ – таму каде што припаѓа, одговори тој.
Ковачевски повтори оти не било лесно да се донесат одлуки што во изминатите пет години ги донела државава и оти нема граѓанин во државава, кој што нема да каже дека целта е Македонија да биде полноправна членка на ЕУ и тоа не само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните…
– И кога ја носите таа одлука пред вас имате исто така избор – дали вашите граѓани, оваа и идните генерации тоа право и таа желба на економски напредок, на социјална правда, на врвна демократија ќе го остваруваат во земја-членка на ЕУ, меѓутоа во туѓина или ќе го остваруваат во земја-членка на ЕУ и тоа тука во својата земја. Јас изборот го направив тоа нашите идни генерации да го прават во својата држава, во Македонија држава-членка на ЕУ, рече Ковачевски.
Тој потсети дека кога како Влада ја носеле таа тешка одлука, имале јасна цел а тоа е почеток на преговорите, одржување меѓувладина конференција, започнување на скринингот, зачувување на македонскиот јазик.
-Тоа го потврдивме со потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС, на чист македонски јазик без никакви додавки, придавки, објаснувања и фусноти. Македонски идентитет заштитен и издигнат на ниво на сите идентитети на народи членки на ЕУ. Култура со сите нејзини обележја. И тоа го постигнавме. Историски прашања што се работа на историска комисија, не на политичарите – и тоа се потврди дека историските прашања се работа на историската комисија. И тоа го имавме пред нас и тоа го остваривме, потсети тој.
Comments are closed for this post.