Останува се исто. Огласот се однесува на процесот на самокандидирање, вели за Пресинг Тв портпаролот на владејачкиот СДСМ, пратеникот Костадин Костадинов.

По денешната средба на лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, на која двајцата се договорија до недела да се работи на изнаоѓање решение за консензуален претседателски кандидат, остана нејасно дали се уште се во игра отворениот оглас за кандидирање на можни претседателски кандидати, зашто тој останува отворен уште утре, како и најавениот конгрес на кој ќе треба да се избере претседателскиот кандидат.

Според Костадинов, во рамки на партијата тече и внатрепартиска процедура на кандидирање, а конечната одлука ќе биде на конгресот.

Но, СДСМ е демократска партија која се води од интересот на граѓаните и кога станува збор за вака важна функција, претседател на државата, претседател на сите граѓани, нормално, пожелно и одговорно е да се направат што пошироки консултации за да се дојде до кандидат прифатлив за што повеќе субјекти, што значи прифатлив за граѓаните. Ние така знаеме, преку консултации, разговори, да дојдеме до најдобрите решенија. Така ќе биде и овојпат. Тоа е вредност и придобивка, вели Костадинов.

Досега единствено амбасадорот Ѓорѓи Филипов јавно обелодени дека поднел кандидатура на отворениот оглас на СДСМ.

Се чувствувам одлично. Немам информација дека конгресот ќе биде одложен. Доколку бидам одбран како заеднички, односно консезуален кандидат, ќе се обратам на конгресот и ќе ја претставам мојата програма, ни изјави Филипов.

Рокот до недела го пробива рокот за завршување на огласот.