Христијан Мицкоски треба да излезе пред јавноста и да се извини за ширењето лаги и правењето театар пред болницата „8 Септември“ откако таму беа префрлени Миле Јанакиески и Спиро Ристовски по инцидентите во затворот „Шутка“ во коишто тие беа нападнати, побараа од СДСМ.

Како што истакна партискиот портпарол, Костадин Костадинов, изјавата на Мицкоски била дел од насилничките сценарија, создавањето тензии и пласирањето лаги, што се единствени политики на Христијан Мицкоски и, како што изјави Костадинов, неговиот шеф, Никола Груевски.

Соодветна истрага за овој инцидент ќе ги даде сите одговори.

Останува фактот дека не успеа обидот на Мицкоскии  Груевски преку насилничко сценарио да го дефокусираат вниманието на јавноста од фактот дека токму врвот на ВМРО-ДПМНЕ е главниот осомничен за организирање на насилствата на крвавиот 27 април.

Граѓаните и институциите нема да дозволат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да создадат нови кризи, поделби и тензии.

Секаков вид на насилство ќе биде санкционирано. Мицкоски нема да успее, ќе има одговорност за организаторите, нарачателите и извршителите на насилството од 27 април  – изјави Костадинов.