Компаниите кои произведуваат медицински канабис во земјава бараат од државата да помогне во регулацијата со која ќе можат да ја извезуваат сувата маса на растението, дури потоа заедно со Владата да работат на нов материјален закон, вели во интервју за ПресингТВ, Костадин Дуковски, претседател на Здружението на производители на канабис за медицински цели „Макканабис“.
Според него, ова би било алтернативно решение со кое би се спасила гранката, а понатаму со дополнителни измени на законот за опојни дроги би се развивале како сериозен сектор во делот од економијата во Македонија.
Од најавуваниот милионски бизнис со „канабис револуцијата“, инвеститорите засега имаат само полни магацини бидејќи освен македонски лиценци немаат европски сертификати за одгледување и производство на медицински канабис.
„Производите од канабис и тоа како има каде да се продадат. Постојат сериозни купци од странство кои сериозно се навлезени во овој бизнис, меѓу нив е и една македонска компанија која објави оглас, меѓутоа ние не ги исполнуваме условите, вели Дуковски.
На прашањето колкава е штетата која ја трпат, Дуковски одговара дека штетата е нанесена од самото не знаење на компаниите што влегуваат во овој бизнис бидејќи не прават градација што е тоа индустриски канабис, што рекреативен, а што медицински канабис, но тоа како што додава е последица на постоечкиот закон во кој се наведени многу општи податоци.
Многу од нив не го разбираат поимот медицински канабис. За тоа и го формиравме здружението за да им дадеме правец, и да го подобриме законот. Ако успееме да го регулираме и за рекреативни цели, таа залиха нема да биде штета туку ќе биде профит, потенцира Дуковски.
Станува збор за огромни инвестиции каде што фирмите кои што се занимаваат со овој бизнис од една страна и државата од друга страна мора да бидат партнери, доколку сакаме оваа дејност да се развива и понатаму, за општо добро, за зголемување на економијата во нашата држава, смета Оливера Бичиклиски, агроном во една од компаниите и член во Управниот одбор на „Макканабис“.
„Особено е важно при креирањето на законските решенија да бидеме консултирани бидејќи во многу би се олеснила имплементацијата на тие законски решенија, од причина што токму ние сме засегнати и ги знаеме точно слабите точки и местата каде можеби нештата може да се поправат“, смета Бичиклиски.
Таа додава дека особено важно е државата да склучува билатерални договори со некои други земји кои исто така имаат легализирано марихуана за медицински цели, но и за рекреативни, со што би ни се олеснил пласманот на производот надвор од границите на Македонија.
Comments are closed for this post.