Минатата недела ПС на Совет на Европа усвои два извештаи кои се однесуваат на прилагоденоста на уставите на земјите членки со Европската конвенција за човекови права, како и за спроведувањето на пресудите на Европскиот Суд за човекови права чија основа за работа е токму Европската конвенција за човекови права која преставува основа на правата на национално самоопределување, јазична и културна засебност и е создадена веднаш по Втората светска војна со цел преку гарантирање на правата на секој поединец да спречи нови крвави војни во Европа.
Човековите права во Европа не се тринасочна улица, тоа е еднонасочна улица! Националните уставни судови, како и Судот на правдата на ЕУ, мора да бидат во согласност со Европскиот суд за човекови права, како најважен европски суд за заштита на човековите права. Исто така, потребни се подобрувања за да се осигура дека домашните судови соодветно се ангажираат со судската пракса на Европскиот суд за човекови права при примената на човековите права на домашно ниво – вклучително и преку тоа да се направат достапни насоките од Судот на сите јазици на Советот на Европа.
Во извештаите јасно е напишано дека – речиси сите земји одговориле дека нивните судови се повикуваат на Конвенцијата кога одлучуваат за прашањата за човековите права, во истата реченица во извештајот за Бугарија и неколку други земји се вели – сепак, степенот до кој Конвенцијата и/или одлуките на Европскиот суд за човекови права се почитуваат, се разликува.
Се согласувам со овие позиции во извештаите и мислам дека тие треба да бидат поцврсти во формулацијата и подиректно да бараат од земјите како Бугарија целосно да го прилагоди својот политички систем и истиот да биде во согласност со Европската конвенција за човекови права и да ги почитува човековите права на сите националните малцинства, вклучително и Македонците. Бугарите се многу гласни за случаи надвор од границите на нивната земја, но со години не спроведуваат ниту една пресуда на Судот. Ова не е прифатливо.
Целосното почитување на Конвенцијата и националниот уставен поредок не е антиетично, туку е целосно комплементарно. Советот на Европа треба да смета дека приоритет на Европа треба да биде зајакнувањето на правниот и моралниот авторитет на Конвенцијата, како светилник за правата на стотици милиони луѓе и врвно цивилизациско достигнување.
Како што јасно се вели во резимето на Извештајот за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права – Спроведувањето на пресудите на ЕСЧП е приоритет за Парламентарното собрание и Советот на Европа. Сите држави мора да ги спроведат, со добра волја и без одлагање, конечните, обврзувачки пресуди на Европскиот суд. Со цел да се спроведат судските пресуди навремено и ефективно, државите мора да имаат ефективни национални механизми за координација, со доволна хиерархија и ресурси.
Еден од лошите примери е Бугарија која според овој Извештај е седма земја со најголем број нерешени предмети, Бугарија нема спроведено вкупно 166 пресуди на Европскиот суд за човекови права. Можете ли да замислите земја-членка на Европската унија, која става вето на Македонија за отварање на пристапните преговори со ЕУ, да не ги спроведува пресудите на Европскиот суд и во исто време да зборува за човекови права и владеење на правото во други земји, колку е срамно е ова!
Од сите овие случаи 16 се за основните човекови права на Македонците кои живеат во Бугарија. Во Европскиот суд, десетици илјади граѓани од цела Европа бараат правда која не можат да ја најдат во домашните судови кога нивните основни човекови права, право на слобода на говор, право на здружување, право на национална самоидентификација
и правото на употреба на мајчиниот јазик не се почитуваат. Македонците од Бугарија со децении се борат за овие права. Тие отсекогаш живееле таму и сакаат да ги остварат своите национални, јазични и културни права, но за жал Бугарија тоа го одбива направи. Одбива да ги регистрира нивните здруженија преку кои сакаат да ги остварат своите права. Ќе се согласите дека ова е недемократски чин на земја-членка на Европската унија. Дури 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права се однесуваат на Македонците во Бугарија и досега ниту едена од нив не е спроведена од Бугарија. Ниту една! Ова е силно поткопување на кредибилитетот на Судот и затоа Советот на Европа мора да дејствува. Ова мора да престане! Европа треба да размисли за употребување на казнени механизми за да ја натера Бугарија да ги почитува демократијата и основните човекови права. Пред да зборуваат за други држави треба прво да погледнат во својот двор!
Comments are closed for this post.