Никаде не тече мед и млеко, само има ред, дисциплина и систем, ќе рече нашата соговорничка Александра Јанеска-Илиев, доцент на предметот организациско однесување на Економскиот факултет на УКИМ во Скопје. Таа е една од оние кои одлучиле белиот свет да го создаваат во Македонија наместо да се спакуваат и да заминат. Повратничка оттаму, убедена е дека секој млад човек кој се образува, кој се надградува и се бори, има што да понуди, а нашата предност во океанот е што животот во Македонија нè учи да бидеме поснаодливи.

Новите генерации бараат повеќе квалитет, сигурност, можности и бараат систем кој ќе работи за нив, а не против нив. Оттука, својата одговорност во создавањето услови за претприемништво во Македонија ја гледа во процесот на образованието. Вели младите сакаат да бидат повеќе самостојни и размислуваат во насока на свој бизнис, па затоатреба да се размислува за градење општествен и економски контекст кој ќе обезбедува и поттикнува претприемништво.

Претприемништвото во својата суштина подразбира ризик и недостаток на ресурси, па очигледно дека услови за претприемништво има. Сите актери во политичкиот живот имаат несоодветна перспектива кон претприемништвото. Улогата не е да креираат претприемништво или претприемачи туку да создадат услови во кои тие слободно ќе се развиваат. Па така има доста што може да се направи, прво во законската регулатива, честите промени, неконзистентноста е проблем кој инхибира во голем дел активностите и желбата да се биде претприемач. Упростување на голем дел од процесите е потребно за малите бизниси, казнената политика да биде во насока на регулација, а не за остварување на буџетски приходи, вели Јанеска-Илиев во интервјуто за „Република“.

Парите не се одлучувачки фактор за некој да замине од Македонија, но ниту за да се врати. Вие сте од оние вторите. Зошто се вративте од Холандија?

Јанеска-Илиев: Не сакам генерализирање, секој во основа има свој животен пат. Сечија судбина има индивидуална траса, ама јас секако сум израсната во средина во која во многу наврати имало заминувања и враќања. Веројатно, полесниот момент за да се донесат одлуките бил моментот дека ништо не е засекогаш.

Во основа, имам една теорија – доколку нашиот ангажман што опортуно би го направиле каде било низ светот, го направиме со истата таа посветеност и пожртвуваност дома, резултатите и на индивидуално и на општествено ниво би биле одлични… не знам, идеализам… можеби?!

Се вратив бидејќи секогаш ме водела мислата дека па и не може сите да заминеме и дека можеби треба да дадеме шанса работите да се направат поинаку. Верувам дека тоа што сме го научиле некаде низ светот најдобро е да го примениме тука, само така ќе има квалитативен скок. Се вратив од некакви си идеалистички и младешки побуди, верувајќи дека ако доволно луѓе се вратат, можеби и ќе се промени нешто, ќе може да одиме напред полесно и побрзо. На крајот на денот, парите не се цел сама за себе и треба да бидат во насока на олеснување на одредени потреби. Од друга страна, треба да ни биде совршено јасно дека никаде не тече мед и млеко, само има ред, дисциплина и систем. Во тоа е разликата. Луѓето се секаде исти, но правилата на игра се различни. Кај нас, за жал, немаме дефинирани правила на игра, лигите во кои играме се мешаат, нефер плејот е на цена. Најмногу страдаме од „снајди се“ или „ќе се снајдеш”.

Што ви понуди вам Македонија, а што сакате и колку можете да ѝ понудите вие?

Јанеска-Илиев: Па не знам дали би можела да бидам премногу прецизна во овој дел имајќи предвид дека ова е социолошко прашање и таа нишка на поврзаност не дава можност за калкулации од типот дава или зема. Во контекст на мојата професија и контекстот на интервјуво, оваа земја ми понуди одредено ниво на образование кое во основа се покажа дека и не e воопшто лошо како што се генерализира, туку напротив. Ја имав честа да учам од една одлична фела на професори, во одлични услови и на одличен универзитет. Тоа што голем дел од моето образование сум го поминала во овој систем секако има одредени траги во мојот развој. Мислам дека има што да понуди ова парче земја, можеби живееме во испревртена реалност, пред се со еродиран вредносен систем, ама сепак мора да се сменат работите. Кај и да одиме низ светот секогаш ќе припаѓаме тука. Мислам дека една работа што ни ја нуди на сите ова поднебје е дека знаеме да се справиме со неизвесност. Практично таа е дел од нашето резиме и од нашето сетирање / размислување. Животот тука не учи да бидеме многу поснаодливи за разлика од сите оние на кои системот им дава точни и прецизни насоки. Мислам дека секој млад човек кој се образува, кој се надградува и се бори, има што да понуди. Би се вброила во редот на ваквата група на индивидуи, само недостасува простор и дека треба конечно да се размислува во таа насока. Попрецизно, огромна енергија наместо продуктивно се користи за лактање и борба за тој простор. Сето ова, е неприфатливо за мојот карактер и личност. Сепак, ние бираме кој и каков пат сакаме. Дали сакаме пат без пречки кој најчесто завршува со голем удар од неприлагодената брзина на следната кривина од деведесет степени или пак чести скокови и падови, но без сериозни повреди. Навивам за второво.

Го менувате микрокосмосот за да предизвикате промена на макрокосмосот. Од каде почнавте? Кое е вашето јадро?

Јанеска-Илиев: Според мене баш тоа е парадигмата до која треба сите да се држиме, односно ако сите доволно се грижиме како ние би влијаеле потенцијално на нашето потесно или пошироко окружување, најверојатно работите би биле многу подобри. Приватно и професионално се трудам да го поттикнам градењето на еден здрав и разумен вредносен систем. Во основа, најмногу ме загрижува недостатокот на вистински вредности, престануваме да разликуваме добро од лошо, имаме погрешни херои, на нашите деца им се наметнуваат погрешни критериуми за успех…. Се обидувам барем таму каде можам да влијаам да поттикнам едно поинакво размислување. Во таа насока мислам ако секој од нас треба размислува како да направи најголем број добрини за најголемиот број на засегнати страни. Моите студенти би рекла се најзасегнати во овој дел бидејќи, пред се, сметам дека имам можност да делувам во тој дел, а уште повеќе имам обврска.

Во делот на науката се борам земајќи ги предвид сите можности и ограничувања. Се трудам да фатам чекор со тоа што го прават академските работници во поразвиените држави. Во таа насока летово бев дел од престижната годишна конференција на Академијата за менаџмент (Academy of management 2019-AOM2019) во Бостон како дел од панел на експерти поврзани со претприемништвото. Имаше преку 10.000 учесници целиот свет, а од нашата држава, за жал, само еден учесник.

Работам и во делот на научно-истражувачките активности со мотив секогаш повисок и размислувања за повеќе, борба да се објавува во релевантни престижни списанија т.н. списанија со фактор на влијание (impact factor), за кои во јавноста имаше одредени дискусии. Баш деновиве добив пријатна вест дека еден од моите трудови на кои се работеше во коавторство со мои колеги подолг временски период, ќе биде објавен во списание со импакт фактор 3,2, што спаѓа во редот на врвните списанија или ако сакатe највлијателните во својата област. (Импакт факторот, за пошироката јавност да појаснам, е колку е влијателно одредено стручно списание во својата област. На пример едно од врвните е Academy of Management Annals што го издава АОМ се смета дека има целосно највисок импакт фактор од 12,3 во делот на организациските науки).

Дел сум од истражувачкиот тим на GLOBE 2020 каде за прв пат ќе биде вклучена нашата држава. Се борам на сите полиња во тие делови кои подразбираат градење на одреден критериум и пак ќе повторам соодветно соочувајќи се со сите предизвици, а пред се големи ограничувања. Не идеализирам, донкихотовска е многу често борбата, но убедена сум дека ако сакаме подобро, сите треба да ја почнеме промената од себе. За крај, најважното по основ на ова прашање е да го напуштиме моделот на колективна одговорност. Го почитувам индивидуализмот со сите негови доблести и мани. Но, знам дека од сигнификантно значење за една личност е нејзиното чувство за одговорност. Не може наградите и признанијата да бидат индивидуални, а поразите колективни.

УКИМ не е на Шангајската листа. Не ли е тоа обесхрaбрувачки за младите научници?

Јанеска-Илиев: Во јавноста многупати се прават одредени дискусии без притоа да се позанимаваме со суштината на работите, за некои аспекти не би сакала да повторувам. За жал, многу често читаме и слушаме паушални анализи од самопрокламирани аналитичари кои навистина и немаат никаков придонес во образовниот систем. Во тој контекст мора да се разбере дека образованието и науката се процеси и тоа нема инстант резултати. Ако во кој било друг домен може веднаш да измерите и да видите ефект, за образованието ви треба еден клучен ресурс –  времето. Од тоа што денес ќе го засадите, резултатот ќе го видите во период од 7 до 10 години најрано. Тоа истото важи и за науката и научно-истражувачките активности. Тука лежи одговорот зошто никој не се занимава со ова системски, туку кампањски по потреба. Образованието не е поле каде може да се соберат политички поени и за тоа површно се прават многупати работите. Не мислам дека треба да се обесхрабрува никој затоа што не сме на Шанјгаската листа, напротив треба да биде мотивација повеќе. Но, секако мора да согледаме каде е нашата позиција, на пример: Србија, Словенија и Хрватска имаат по два, Бугарија еден, Грција седум, Албанија, Црна Гора, БиХ и ние ниту еден рангиран универзитет на Шаннгајската листа. Мора да се има предвид дека овој регионален научен екосистем е релативно слаб. Од 14 Универзитети во регионот дури 8 се на дното на листата од 700, па надолу. Во основа, целосно, регионално сме на маргините на науката во најголем дел и треба да бидеме свесни и самокритични, постојано размислувајќи за начините како може да се подобри оваа ситуација. Морам да потенцирам дека не постојат инстант решенија, има светли примери, секако, ама тие се премалку за да направат импакт. Непотребно се дава политичка димензија на целата дискусија, а во основа тој што би се зафатил со подобрувањето на состојбите, пред се, треба да креира клима и услови без да очекува политички поени пред се поради тоа што се работи за долги процеси. Да видиме кој колку издвојува во овој сегмент на крајот на денот и кои се можностите да се направи еден систематски пристап кој би дал максималем аутпут со минимален инпут. Мислам дека ако ги сумираме средства кои државата, бизнисот и академијата ги издвојуваат во делот за наука, образование, во голема мера ќе најдеме одредени одговори зошто имаме ваков резултат. Сепак за придвижување, пред се` потребна e волја, посветеност и функционален систем.

Зошто идните студенти да го изберат Економскиот факултет на УКИМ, а не на некој од приватните универзитети, на пример?

Јанеска-Илиев: Мислам дека се креираше доста голема понуда на високообразовни институции со надеж дека квантитетот ќе продуцира квалитет, дали е така, останува прашање. Не би се ставила во позиција да давам оценки за останатите универзитети и повторно не би генерализирала. Секако дека не сме едни спроти други, напротив можеби заеднички треба да размислуваме што можеме да направиме во насока на подобрување на условите и квалитетот на високото образование На крајот на денот над 90% наставниот кадар на речиси сите факултети во државава без разлика дали приватни или државни потекнува од УКИМ, а тоа треба исто така да значи нешто. Најстариот универзитет во оваа држава треба да биди генератор на прогрес и контролирани промени кои одат во насока на подигање на нивото. Во секој случај немам сомнеж дека во државата УКИМ го држи приматот во делот на квалитетот во високото образование.

Секако, како дел од Економскиот факултет – Скопје, сметам дека оваа високообразовна институција има што да им понуди на сите кои се заинтересирани во ваквото профилирање. Во основа, покрај тоа што речиси 70-годишнината треба да се обележи наредната година, сметам дека традицијата е значајна, ама уште повеќе сметам дека има човечки потенцијал кој може да понуди многу. Во таа смисла има мешавина помеѓу мудроста, а и младост. Па така мислам дека има доста кадар кои сака да оди напред, се бори секој во своето поле за напредок. Препознавам многу млади колеги кои имаат енергија и желба да ги придвижат работите кои се дел од оваа институција, а и поискусни колеги кои се спремни да дадат свој инпут. Истовремено упорно и вредно работат за да им понудат нешто на науката и на студентите. Би сакала да потенцирам дека некако премногу простор и време им се дава на самопрогласените експерти, кои нејасно и каде, како, кога се здобиле со експертиза. Во основа, како високообразовна институција секогаш ги имаме најдобрите во нашите редови. Можеби и премногу скромни за ова време каде доминираат агресивните, оние кои немаат никаква самокритичност.

Во моментов на Економскиот факултет се активни повеќе меѓународни програми за студенти. Но, со јапонската Џајка работите на едукација на бизнис-секторот. За каква соработка станува збор?

Јанеска-Илиев: Економскиот факултет располага со огромен потенцијал, со една континуирана аспирација да се направи линкот со потребите на бизнис-заедницата. Самиот факултет има голем број активности и можности кои ги нуди за своите студенти, но и се повеќе во делот на едукација на веќе профилирани кадри. Како пример годинава направивме една соработка која е поддржана од JICA (Japan International Cooperation Agency). Идејата на овааа соработка е искуствата од бизнисот применети во Јапонија да се споделат со македонскиот бизнис-сектор. Истовремено е да се согледа дали и колку некои од тие искуства може да се применат во некои од македонските компании. Веќе сме пред заокржувањето на програмата од страна првата група која изрази огромно задоволство од здобиените знаења и искуства.

Колку пари им се доволно на младите во Македонија? Што е за нив мерило за квалитететен живот? Како ќе ги натерате да останат?

Јанеска-Илиев: Ова прашање не воведува во еден арсенал на флоскули, и секоја несреќна кованица од зборови може да биде протолкувана на погрешен начин. Животот се заснова во голем дел на релативност. Веднаш се запрашувам која сум јас и дали доволно поседувам таква моќ за да влезам во замислената улога на важен фактор кој ќе ги натера другите да останат во земјава?! Можеби во тоа е проблемот. Останувањето во земјата треба да зависи од системот, а не од слободното толкување и моќта на поединецот. Како одговорен поединец, мојата маленкост постојано се бори да продуцирам нешто добро, да бидам од помош на заедницата. Само така и со таквиот начин на поимање на работите може да се генерира позитивна клима за сите поединци чија контрибуција е од есенцијално значење. Денес, на оваа земја и фалат млади од сите професии и со секакво ниво на образование. Ги вложувам сите човечки напори за да бидам вистински патоказ на моите студенти, да ги едуцирам, за што сум платена, и да оставам простор за слободна размена на искуства и знаења. Тоа што бараат младите не може целосно и апсолутно да се верификува низ финансиите. Мислењето дека им недостасуваат само пари на младите во голема мера е погрешно. Новите генерации бараат повеќе квалитет, сигурност, можности и бараат систем кој ќе работи за нив, а не против нив. Прво од прашањата во прва година речиси секогаш се сведува на оваа дискусија. Би се изненадиле ако ви кажам дека младите сакаат да бидат повеќе самостојни и размислуваат во насока на свој бизнис.

Вие сте доцент на предметот организациско однесување. Истражувате и за менаџментот на малиот бизнис. Може ли да ни кажете какви се условите за развој на претприемништво во Македонија?

Јанеска-Илиев: Имам една убава можност да направам комбинација од овие области, а се работи за делот на организациски науки. Најмногу во моментов ме интересираат претприемничките намери, претприемачкото образование и претприемачкото размислување. Во основа повторно се сведува на прашањето што може да се направи во однос на нив. Мислам дека сите како поединци имаме одговорност и треба да бидеме свесни во таа насока. Мојата одговорност е во процесот на образование. Па така, идејата е да се поттикне размислувањето кај студентите за развој на свој бизнис. Мислам премногу време посветуваме на тоа во нашето општество како и што прават големите компании и како да привлечеме некој од надвор, во случајов најчесто СДИ. Треба да го свртиме малку повеќе фокусот кон тоа што може и го движи овој систем сакале или не сакале да си признаеме малите бизниси се столбот со 99,7% од вкупниот број компании, со над 60% од вработувањата. Па мислам дека повеќе треба да размислиме како за нив да им креираме услови за работа. Денес се зборува во светот за претприемачките екосистеми, притоа зборот екосистем нема поврзаност со еколошките аспекти туку интегрира се она што е под влијание и влијае на претприемништвото. На некој начин сегрегацијата е на минатото сé е поврзано, па така сите имаат улога во приказната. Државата од една страна, академијата од друга, образовните процеси, бизнисот од трета. Така да размислувањата треба да одат во насока на градење на едно општествен и економски контекст кој ќе обезбедува и поттикнува претприемништво. Сметам дека премногу сме оптоварени со политичките случувања и политиканство во секојдневието, на тој начин ги гушиме сите можни процеси. Претприемништвото во својата суштина подразбира ризик и недостаток на ресурси, па очигледно дека услови има претприемништво. Треба само да се создаде арена во која нема да доминираат субјективните фактори врз успехот на бизнисот.

Што треба да се направи да се подобри климата за претприемништвото во однос на поддршка и мерки?

Јанеска-Илиев: Првично политиката целосно да ги тргне рацете од бизнисот. Голем број компании просперираат во последните 20 години поради одредени афилијации со политичките елити. Уште од старт можете да замислите колку е искривено општеството кога не важат принципите на пазарот, туку на политиката. Мислам дека треба да разберат дека имаат една основна задача политичките елити да бидат администратори на оваа држава, тоа исклучително лошо го прават. Сите актери во политичкиот живот, имаат несоодветна перспектива кон претприемништвото. Улогата не е да креираат претприемништво или претприемачи туку да создадат услови во кои тие слободно ќе се развиваат. Па така има доста што може да се направи, прво во законската регулатива, честите промени, неконзистентноста е проблем кој инхибира во голем дел активностите и желбата да се биде претприемач. Симплификација на голем дел од процесите е потребна за малите бизниси, казнената политика да биде во насока на регулација, а не за остварување на буџетски приходи. Нема да навлегувам, но листата на работи кои може да се направат секако предолга. Секогаш дискусијата е за тоа како да се обезбедат финансии, но треба пред тоа елементарно е да се создаде систем. Може да се направи еден benchmarking за тоа што прават успешните примери во овој контекст, пример Естонија е земја која моментално има најголем број на start-up per capita.

Како да се натераат младите да размислуваат претприемнички, да креираат и создаваат овде во Македонија?

Јанеска-Илиев: Прво сите да застанеме да погледнеме за момент, самокритично. Што може секој да направи во својот домен на делување и во своето поле на експертиза или уште поназад да размисли што е тоа што го прави добро. Да се тргнеме од желбата да бидеме експерти за се… Мислам дека има една нова енергија, нова генерација на претприемачи кои сакаат, имаа желба и трагаат по знаење. Да им дадеме можност и простор во ова општество со позитивен пример да бидат инспирација за многу други. Да ги наградиме оние што вредно и упорно работат, да ги критикуваме оние кои сакаат да се протнат. Да ги оценуваме нештата по тоа дали се добри или лоши, а не по тоа дали се во наша полза или не. Да креираме здраво општество каде од најмали нозе ќе се поттикнува здравиот натпревар на идеи. Да дозволиме различни размислувања и да ги почитуваме исто како оние на истомислениците. Претприемништвото подразбира дека можеби нема да се успее од прв пат. Па така да не судиме по неуспесите. Да им дадеме простор на децата да згрешат, да не одиме и им го “средуваме” животот.

Разговараа: Љупка Камчева, Катерина Митиќ Фото: Александар Ивановски