Иако на актуелниот претседател Ѓорге Иванов му останува уште половина година од мандатот, во политичките кругови почнаа да се вртат имиња кои би можеле да го наследат. Имиња има многу, но официјална потврда засега нема од никого.
Но, и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат победа на претседателските избори.Тоа отворено и го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, додека пак од СДСМ засега само уверуваат дека премиерот Зоран Заев нема да се кандидира за претседателската функција.
Но, многу е веројатно да се реализира идејата која отворено ја заговара лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за т.н консензуален претседател кој би бил прифатлив и за Албанците и за Македонците.
Како име се споменува првиот министер за надворешни работи Денко Малевски. Нема да биде изненадување доколку ДУИ ја предложи и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи која има добри релации со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и која би можела да агитира кај членството да се поддржи Арифи. Како решение не се исклучува и Стево Пендаровски кој беше противкандидат на Иванов на последните избори.
ВМРО-ДПМНЕ кандидатот за претседател ќе го бира на конвенција откако општинските комитети ќе предложат свои кандидати.
Како имиња засега се споменува Трајко Славески кој е долгогодишен член на партијата и поранешен министер за финансии. Во игра е поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски кој би бил прифатлив за странците но не е омилен кај членството.
Како последно име кое фигурира е професорката Гордана Силјановска, која не е член на ВМРО-ДПМНЕ и би била заеднички кандидат на здружената опозиција.
Comments are closed for this post.