Денеска на Универзитетската Клиника за неврохирургија се отвори новиот реновиран оддел за интензивно лекување, со што е зголемен капацитетот за околу 30 отсто.
Во одделот кој сега зафаќа 140 метри квадратни површина, истовремено може да се лекуваат единаесет пациенти, наместо како досега осум. Обезбедени се четири нови респираторни машини од добри европски производители, а постоечките респиратори комплетно се реновирани. Дополнително, инсталиран е систем за вентилација и климатизација што ќе значи многу во рехабилитација на пациентите.
„Како министер за здравство, но пред се како доктор на Неврохирургија, цврсто сум убеден дека во новиот оддел на интензивната нега со инсталираната потребна инфраструктура радикално ќе се подобри квалитетот на услугите за пациентите, но и условите за работа на вработените на овој оддел.”, рече министерот за здравство, Венко Филипче.
Интензивната нега на Неврохирургија е втор по големина ваков оддел во државата и во неа годишно се лекуваат околу 700 најтешко болни пациенти, кои често се и витално загрозени.
Comments are closed for this post.