Македонското Собрание попладнево во прво читање го усвои Предлог законот за прекршочна постапка, решение со кое се предвидува подобрување на ефикасноста на прекршочната постапка, додека изрекувањето на опомена пред да биде изречена глоба се воведува како правило.
Најголема промена, и можеби најзначајна, како што рече во образложението заменик министерот за правда Оливер Ристовски, се воведува со неколкукратно намалување на висината на глобите преку утврдување точен распон на висината на прекршочните глоби и усогласување на сите материјални закони во правец на нивно усогласување со предвидената висина на глобите во Законот за прекршоците.
Тој истакна дека за физички лица казните ќе се движат од 15 до не повеќе од 250 евра, за разлика од порано, како што рече, највисоката казна била 1000 евра. Кај компаниите, појасни се прави градација мали средни и големи и согласно тоа се одредува висината на казните.
Исто така, во законот за прв пат се прави јасно разграничување помеѓу административните и судските прекршоци.
Опозицијата, иако даде поддршка во првото читање, најави амандмани со цел подобрување на законското решение.
Comments are closed for this post.