Владата на вчерашната седница даде согласност и го задолжи Државното правобранителство на Република Македонија да склучи судско порамнување пред Основниот суд Скопје 2 Скопје  за случајот „Сопот“ и исплата на штета на лица поради неоправдана осуда.

„По тужба на тужителите, сите од село Сопот, Куманово, за исплата на надомест на штета на лица поради неоправдана осуда за секој ден поминат во притвор, домашен притвор или затвор по 5.500 денари и да ги надомести трошоците во постапка на тужителите во висина утврдена од страна на судот. Владата исто така, го овласти Државниот правобранител за подрачје Скопје, Зоран Петковски да потпише спогодба за судско порамнување пред Основниот суд Скопје 2 Скопје за овој судски предмет„, се појаснува во денешното соопштение од владината прес-служба.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во јули 2017та му го предаде предметот „Сопот“ на СЈО, откако во јавноста беа објавени разговори на владини функционери поврзани со овој случај.

Специјалното јавно обвинителство во март лани се откажа од обвинението во предметот „Сопот“ со образложение дека немало доволно докази, а одбраната најави дека ќе бара отштета и  спогодбен договор.

Случајот „Сопот“ е од 2003-та кога возило на НАТО нагази на мина при што загинаа двајца полски војници и еден македонски државјанин.11- мина беа обвинети за тероризам, во меѓувреме еден од нив почина.