Заев најверојатно дома во Струмица си го чува стариот телефон, кој може да открие дали обвинетите во „Рекет“ му пишувале на премиерот. Сепак, дали знаел за изнудата на пари која се вршела врз Орце Камчев, барем засега јавноста нема да дознае. Обвинителството смета дека немало потреба да се провери мобилниот на првиот човек на Владата, кој премиерот го смени откако беа објавени разговорите со руските пранкстери, што се совпаѓа со периодот кога беа притворени Боки 13 и Зоки Кичеец, објави Алфа.

Веројатно е дома и телефонскиот апарат и бројот. Телефонот е исклучен, апсолутно не се користи повеќе. Јас си го користам единствениот нов телефон и телефонски број кој што го имам. Веројатно е дома во Струмица – изјави вчера Заев.

Додека од Обвинителството велат дека телефонот на Заев немало потреба да биде дел од истрагата, во јавноста од поодамна постојат сомнежи дека премиерот бил повеќе од нем сведок на „Рекет“. Во денешната статија за Македонија, италијанска „Ла Верита“ потсетува дека никој не демантирал дека Заев лично интервенирал кај еден обвинител да биде одбликирана исплатата на спорните 750 илјади евра.

За време на целиот ден, никој, ниту политички, ниту судски не се обиде да интервенира, и да го демантира фактот дека Заев лично дал наредба за одблокирање на парите во корист на Боки13 и никој не објасни како тоа една госпоѓа во години во една европска земја може така едноставно да повлече од шалтер 750.000 евра, пишува „Ла Верита“.

Името на Заев се споменува и во еден од разговорите за „Рекет“ кои ги објави „Ла Верита“. Боки 13 во разговор со Камчев, директно го споменува премиерот, како човек кој знаел многу работи, во истиот разговор, Јовановски му гарантира на бизнисменот дека премиерот нема да прави проблеми.