Јас сум се уште јавен обвинител. Моите колеги имаат целосно овластување да ги застапуваат предметите пред суд. Се надевам дека ќе имаме повеќе разрешници оваа есен. Што се однесува до мојата изјава денеска, се надевам дека со моите аргументи и мојата изјава ќе ја забрзам истрагата.

Ова пред влегувањето во Обвинителството за гонење организиран криминал и висока корупција го изјави специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која за случајот „Рекет“, во својство на сведок, денеска се соочува со својата колешка Вилма Рускоска.

Јанева ќе одговара на прашањата на Рускоска, но пред се ќе треба да објасни дали е злоупотребена или директно инволвирана во целата афера. Дотолку повеќе што таа не негираше дека се слуша нејзиниот глас во снимките, што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“, на кои се гледа и слуша дека таа на спикерфон разговара со првоосомничениот Бојан Јовановски алијас Боки 13.

Засега во притвор се наоѓаат Боки 13 и неговиот компањон Зоран Милески Кичеец.

На снимката поврзана со предметот „Империја“ ма СЈО, Катица Јанева му вели на бизнисменот Орце Камчев „да не се секира“ и дека „се ќе биде ОК“. Камчев на двајцата притворени им дал 1,5 милиони евра и се уште не се знае каде завршиле тие.

По избувнувањето на аферата, медиумите пишуваа дека истовремено со притворањето на обајцата, имало наредба за притворање и на Јанева. Но, таа, наводно, свртела два телефонски броја и наредбата останала нереализирана.

Досега Јанева преку соопштенија или директни изјави наведуваше дека разговорите со Камчев ги водела со цел негово врбување за сведок во друг предмет. Но, ваквите бледи објаснувања не може никој да „ги проголта“, па останува да се види дали конечно и таа „ќе отвори“ уста.

И Боки 13 и Јанева, наводно, се заканиле дека ќе ги отворат своите Пандорини кутии ако развојот на настаните се одвива во нивна штета.