За месеци од сега нè чека денот кога ќе треба сите заедно да се соочиме со граѓаните на парламентарните избори, но пред тоа е потребно ВМРО-ДПМНЕ да биде заедно со народот, порача денеска Христијан Мицкоски, лидер на партијата, на свечениот настан по повод 8-ми Септември, Денот на независноста на Република Македонија, во Гази Баба.

Потребно е ВМРО-ДПМНЕ да биде во улиците, во маалата, на клупите, во домовите помеѓу нашите соседи, пријатели, колеги, затоа што кога тие го создавале ВМРО, а потоа кога се реобнови ВМРО-ДПМНЕ, имаа единствена цел и беа мотивирани, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот и од народот. Секој оној кој сега или во иднина ќе заборави дека ВМРО-ДПМНЕ била и ќе остане партија од народот и ќе се занесе газејќи ги дебелите персијански килими дали во Владата или на друго место, јас ви ветувам дека тоа ќе биде почетокот на крајот на една таква политичка кариера, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека оваа генерација на партијата нема право на избор.

Сите што сте во просторијава – немате право на избор. Ве чека тежок крвав пеколен пат со многу работа, затоа што најпрвин треба да ја обновиме татковината, зошто овие ни ја запустија, а потоа треба да ја развиеме и да го вратиме сето она кое овие неразбрани трговци го истргуваа за тие пусти пари, привилегија и моќ. Ве чека многу работа, а не привилегии. Многу пот, многу солзи и многу крв. Но, јас во оваа просторија денеска гледам храбри жени, членки на УЖ, мотивирани и подготвени за еден таков предизвик. Зошто вие, заедно со нас, немате право на грешка. Македонија тоа го очекува од вас, порача Мицкоски.

28 години подоцна сме сè подалеку од онаа идеја – богата, просперитетна, независта, суверена Република Македонија, додаде Мицкоски, упатувајќи порака до присутните дека тие се тие кои мораат да го вратат оптимизмот, насмевката, веселите лица и гордо кренатите глави на граѓаните.

Вие сте тие што треба да ги вратите оние што денеска ја напуштаат Македонија. Да ја оплемениме нашата држава повторно со народ, да ги заживееме полињата, да ги отвориме фабриките, да ги наполниме училиштата и градинките со дечиња, а на универзитетите да понудиме врвно образование. Вие сте тие што треба да ја вратат вербата, вие сте тие што требада се изборат за вистинската правда и правдина. Тоа ќе биде ваша работа. И запамтете, ако ние не успееме, се плашам дека некоја следна генерација ќе ја нема таа можност за да успее. Тоа и го должиме и на татковината, на генерациите пред и после нас. Предизвикот е голем и вреди да се работи и бори за тоа, порача Мицкоски.

Лидерот на опозицијата најави дека почнуваат со јасен концизен план на активности.

Тој план ќе го опфати народот на улиците, во маалата, во домовите, во становите, во куќите, во полињата, на универзитетите, во фабриките, во институциите, во министерствата. Ајде сите да ги обединиме под знамето на Република Македонија и со бајракот на ВМРО-ДПМНЕ на градите. Да ги убедиме нашите сограѓани во нашата мисија. Јас знам дека ова е пеколно тешка мисија и дека голем дел од нашите граѓани нема да ни веруваат, затоа што многу пати се измамени во минатото. Свесен сум дека главната перцепција за нас, политичарите, е дека овие се лажговци и лопови. Но, тоа ќе биде наша задача, да допреме до секој еден од нив, со искрена мисла, со отворено срце. Тоа тие ќе го препознаат, таа енергија се чувствува. Да ги натераме да ни се придружат, зошто нашата мисија е вистинската мисија, мисијата која се бори за богата, просперитетна и силна Република Македонија, обединета во рамките на европското семејство на народите и членка на НАТО, порача Мицкоски.