Зад иницијативата стојат еминентни личности со голем интегритет. Некои од нив се можеби и посоодветни од мене. Допрена сум, иако морам да размислам. Можеби ако размислувам рационално и ако се навратам на моите изјави од 1994 дека нема веќе да се занимавам со политика одговорот би бил негативен. Но, имајќи го предвид емотивниот момент и специфичноста на ситуацијата во која Македонија се наоѓа 75 години по АСНОМ и она што поранешниот претседател Киро Глигоров своевремено го изјави, а тоа е дека „Македонија е се што имаме“ ме тера да размислам. Ова се најтешките моменти за мене како професор и како човек.
Ова за Пресинг Тв го изјави професорката Гордана Силјановска-Давкова по предлогот и повикот до најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на група од речиси 30-тина професори, таа да биде кандидат за претстојните претседателски избори како личност, која во овие исклучитечно турбулентни политички моменти може да биде личност на обединување на опозицискиот блок. Но, пред се, личност која би била одличен шеф на државата и ќе умее да биде „контролор“ во системот на поделба на власта и тоа во ситуација кога имаме и заробена држава и заробен Устав.
И додека проф. Силјановска размислува за нејзината конечна одлука, во јавноста веќе се појавија првите реакции. Нормално, и позитивни и негативни, со забелешка дека оние негативните се врзуваат за неколку моменти. Прво, дека се повторува постапката при изборот на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ како таа при која беше избран актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов. Второ, дека била член на Влада предводена од владејачкиот СДСМ и трето, дека била дел од Фондацијата Отворено општество на филантропот Џорџ Сорос. И, како што се заслужува внимание, така и се има свој одговор.
Но, која е, во најкратки црти проф. Гордана Силјановска-Давкова, особено за оние помладите, кои не ги паметат 90-тите години. Фактот што проф.Силјановска била присутна во јавниот живот на Република Македонија од почетокот на нејзината независност до денес и тоа, на условно кажано, различни политички страни, само го потврдува нејзиниот интегритет. Зашто, таа е личност која имала доблест да си даде оставка кога не можела позитивно да влијае врз состојбите околу себе или која била „исфрлана“ од форуми и движења кога не им одговарала заради нејзините лични критички позиции. Но, нели, тоа е судбина на секој човек, кој мисли со своја глава и се држи до моралните принципи. Ова за оние кои сакаат тоа да го видат, а за оние другите…
Проф.Силјановска во изјавата за Пресинг Тв се послужи со слоганот на првиот претседател Киро Глигоров дека „Македонија е се што имаме“. Многумина можеби се запрашаа зошто? Одговорот е едноставен-таа беше, за оние кои заборавиле, првиот претседател на Фондацијата Киро Глигоров, кој доследно го задржа односот кон него, за разлика од нејзините наследници, кои истата Фондација ја (зло)употребуваа за различни цели.
Приказната почнува многу порано. Во почетокот на 90-тите години, поточно во времето на осамостојувањето на Република Македонија 1991-1992 година, проф.Силјановска беше член на Уставната комисија. Потоа, во периодот од 1992 до 1994 година беше министер без ресор во првата политичка влада предводена од тогашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски. На министерската функција дојде како член на Либералната партија, која беше помал коалиционен партнер. По завршувањето на мандатот, Силјановска поднесе оставка од членството во партијата и одлучи повеќе никогаш да не се занимава со политика и целосно да и се посвети на науката.
Тоа што и се забележува од тој период, всушност, се повеќе забелешки адресирани до нејзиниот сопруг, чие име, заради одредени роднински врски, се поврзуваше со функционирањето на тогаш актуелните фри-шопови, што беа етикетирани како кокошки кои несат „златни јајца“. Но, вистинските одговори за нив не треба да се бараат кај неа или нејзиниот сопруг. Напротив, многу повеќе знаат првите луѓе на безбедносните служби. Исто како што знаат повеќе кадрите на соросовата фондација.
Професорката Силјановска, е една од ретките можеби и единствена која во 90-тите години беше исклучена од Бордот на Соросовата фондација во Македонија. Откако таа го напушти, во Бордот влегоа актуелниот претседател Ѓорге Иванов, професорката Наталија Николовска и првиот човек на МЦМС, Сашо Клековски. Всушност низ Фондацијата минаа многу имиња и презимиња од политичкиот живот во државата.
А, ако се погледне сивито на проф.Силјановска, човек едноставно не ќе знае од каде да почне, а камо ли да се снајде во него. Тоа е достапно на страната на Правниот факултет.
Проф.Силјановска е во два мандата, од 2008 до 2016 година, член на Венециската комисија, член и потпретседател на поткомисијата за малцинства во истата комисија, експерт на ООН за избори од 1998 година до денес, експерт на ОБСЕ за родови прашања, потпретседател на групата на независни експерти за локална самоуправа на Советот на Европа, основач е на Европското движење на Македонија, била претседател на Гражанското движење во периодот од 2004 до 2006 година, добитник е наградата за развој на владеење на правото на ОБСЕ, добитник е на медал за работа околу родовата еднаковсот на Сојузот на жени на Македонија, била претседател на женското лоби од 2002 до 2004 година…
Comments are closed for this post.