Утре, 12 август, се навршуваат точно шест месеци од стапувањето во сила на Договорот од Преспа, рок во кој Македонија презеде одредени обврски, што требаше да ги спроведе во пракса. Но, дали Македонија го стори тоа и дали ќе го добие првиот укор од Грција за непочитување на договореното?
Овие прашања се однесуваат, пред се, на обврските од членот 8, став два и три, посветени на спомениците и употребата на знамето од Кутлеш.
За потсетување,став два или точка 2 од членот 8 гласи:„Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на било кој начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културно наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство“.
Точка 3 од истиот член, пак, гласи:„Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба“.
Начинот на кој требаше да се реши овој дел од договорот беше спомениците да добијат метални плочки со објаснување за кој лик станува збор и оти припаѓа на античката грчка цивилизација. А, во центарот на вниманието беше споменикот „Воинот на коњ“, познат како „нашиот Аце“ или „Александар Македонски“.
Но, денеска сме 11 август, и можат да се набројат низа факти дека Владата и да сака, не ќе може физички да постигне да ги реализира преземените обврски. И тука „нашиот Аце“ е најмал проблем. Метална плочка може да се направи за една ноќ и утре да се постави. Исто како и на споменикот на татко му Филип.
Но, што ќе прави Владата со инфраструктурата?! На пример, со илјадниците метални шахти со знамето од Кутлеш? Што ќе прави со мозаикот од плочки пред трговскиот центар Буњаковец? Можат да се постават уште многу прашања на кои Владата не треба да дава одговори, туку во пракса да ги реализира преземените обврски. А, дали и кога ќе го стори тоа, останува да следиме. Дотолку повеќе што Грција има нова влада, која ќе бара и влакно во јајце.
Comments are closed for this post.