Премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски утре ќе седнат на заедничка маса во обид да постигнат финален договор за новиот закон за Јавно обвинителство. На лидерската средба која треба да се одржи во Собранието, Мицкоски најави дека ќе го отвори и прашањето за предвремени парламентарни избори кои според него се неизбежни.
Предвремени избори за премиерот Зоран Заев не се посакувана опција.
„Ако веднаш одиме на избори, тоа ќе донесе нови дисторзии на општеството, за шест до девет месеци застанува се. Државата одамна ни немала редовни избори. Ред е да оставиме еден мандат, посебно ако се решени историските прашања. Верувам дека до декември не е соодветно решение, но крајот на октомври ние можеме да одиме на избори во 2020“, истакна Заев во интервју за „Фокус“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски го повика јавно премиерот ако верува во тоа што го зборува, дека анкетите се добри и дека државата блеска, тогаш да излезе на избори и да се соочи во граѓаните.
„Нели блескаме, нели анкетите се добри, нели се е како што треба во државата, ајде да видиме дали навистина е така или можеби ова претставува уште еден блеф од страна на господинот Заев и СДСМ, а во насока на меѓупартиските редови кои што во овие моменти според нашите информации трпат голема штета и се сериозно раслоени, изјави Мицкоски за Алфа.
Во меѓувреме и во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ се мерат партиските рејтинзи. Неодамна беше објавена анкета од ТИМ Институт нарачана од СДСМ според која владејачката партија води со околу 50 илјади гласови, додека Мицкоски тврди дека неговата партија води со најмалку 100 илјади гласови пред СДСМ.
Пред два месеци Мицкоски ја одби поканата од Заев за лидерска средба, со образложение дека не ја гледа потребата да оди на средба на која нема да се разговара за предвремени парламентарни избори.
Comments are closed for this post.