По објавување на текстот, „Колку од вакцините со спорни декларации се искористени?“, во редакцијата на Пресинг ТВ се јави директорот на Агенцијата за лекови д-р Ќахил Ибраими. Смирува дека секоја искористена вакцина е со добар квалитет и исправна, истото важи рече и за вакцините со погрешни декларации.

„Во моментов не располагам со информација дали и колку од вакцините со залепени погрешни декларации им биле аплицирани на децата, но ве уверувам дека сите до една се со валиден рок на траење до јуни 2019, исправни и квалитетни“, изјави директорот Ибраими.

На прашањето зошто се уништува лек за кој се тврди дека е безбеден и дека има важечки рок на траење, директорот на Агенцијата рече дека тоа е право на инспекторатот согласно законот а одлуката е донесена за да се стави крај на скандалот со декларациите на вакцините.

„Со отсранување на спорната или ставање нова декларација се оштетува пакувањето на лекот а законот за лекови е јасен. Да, никој не ја гледа кутијата туку вијалата, но се одлучивме за уништување бидејќи сакаме да ставиме крај и да завршиме со приказната за спорните вакцини“, изјави за Пресинг ТВ д-р Ќахил Ибраими.

Според сознанијата на Пресинг ТВ станува збор за 28.000 вакцини колку што била серијата, набавени со тендерот распишан на 21.10.2016 година, со склучени договори на 21.03.2017 година. Вакцините кои се во употреба се Priorix, со рок на траење до мај 2019 и серија со рок на траење до јуни 2019 година.