Во рок од неполни 24 часа првиот човек на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, се најде во ситуација, институцијата што ја раководи да ја дообјаснува нејзината изјава дека таа не може да гарантира оти најновите „бомби“, што ги објавува фејсбук профилот „Ел Чека“. И ова се случи откако експертите преку медиумите почнаа да реагираат на значењето и тежината на нејзиниот јавно изнесен став.
На 30 мај, за Пресинг Тв од СЈО изјавија дека „бомбите“ на „Ел Чека“ не потекнуваат од од кај нив и оти веќе е даден налог за анализа на снимените и објавените разговори, иако се уште не е завршена ни првата, поврзана со објавените разгови преку фејсбук профилот со псевдоним Илија Громовник. Вчера, пак, Катица Јанева изјави нешто сосема друго.
На новинарско прашање – „Можете ли да гарантирате дека не се од кај вас?“, Јанева одговори: „Не, не можеме да гарантираме ништо“.
И сега појаснувањето или дообјаснувањето на СЈО на нејзината изјава доаѓа ем со задоцнување, ем бесцелно.
Новообјавените разговори објавени од Фејсбук профилот со псевдоним „Ел Чека” не потекнуваат од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, преку соопштение информира СЈО.
„Ја уверуваме јавноста дека сите аудио материјали со кои располага ова Јавно обвинителство се чуваат под строго пропишани безбедносни процедури кои опфаќаат физичка, административна и информатичка безбедност на информациите. Воедно, при анализа и обработката на материјалите се постапува согласно со воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите, како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните на Република Северна Македонија и други лица, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, и со тоа на секое лице да му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот.
Во оваа насока, повторно потенцираме дека ова Јавно обвинителство ја гарантира единствено безбедноста на сите аудио материјали со кои располага и во оваа прилика, како и повеќе пати досега, ги повикуваме сите субјекти кои поседуваат аудио материјали кои се предмет на незаконско следење на комуникациите истите да ги достават до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, појаснија од СЈО.
Вакви докази не смеат да протечат. Одговорност мора да има и за органот и за одговорните, први луѓе во него. И тоа одговорност лична, со име и презиме, а не колективна. Спроведување на ваква постапка за одговорност мора да биде проследена со порака, и генерална и специјална, и кон сторителот и кон сите други учесници во правниот систем, изјави за Пресинг Тв, адвокатот Звонко Давидовиќ.
Според него вакви разговори имаат тежина на доказен материјал, а некои од нив сигурно имаат и степен на доверливост, па можеби и како државна или војна тајна. Во судска постапка дури ни одбраната не може да ги добие и види се до одредена фаза кога обвинителството е должно да ги предочи на одбраната. Секое течење на вакви информации е оневозможување или попречување на истражна или кривична постапка и има карактер на одавање тајна. Тој потенцира дека дури и законската регулатива предвидува, оти по завршување на целата истражна или судска постапка, обвинителството е должно да ги попише и уништи ваквите материјали за да не може никој да ги користи. Зашто, меѓу нив има и лични разговори, што никако не смеат да стигнат во јавност оти се кршат елементарните човекови права и слободи.
Протекувањето е голем проблем за едно обвинителство. Тоа покажува дека не е на висина на задачата и не е кадарно да води определена постапка. Сето ова може на обвинитетите да им овозможи да се подготват или да избегаат од кривична одговорност и прогон или да ги уништат трагите и други документи од кривичното дело, да влијаат врз сведоци, па и да се дадат во бегство, вели Давидовиќ.
Comments are closed for this post.