Како коалициски партнер во владата имав обврска да презентирам алтернативен предлог, кој премиерот Алксис Ципрас го знае, но не го одобрува како национална политика, вели грчкиот министер за одбрана Панос Каменос во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ. Тоа е всушност, неговиот план Б за меѓудржавни договори како алтернатива на Договорот од Преспа, претставен на средбата со претставници на американската администрација, при неговата посета на Вашингтон.

– Алтернативниот предлог го знае премиерот, но го нема одобрено како национална политика. Имам разјаснето, дека ова, според наше мислење, ќе требаше да биде предлог, алтернативен предлог во случај Договорот од Преспа да не оди напред или од наша или од нивна страна, рече Каменос.

Тој објасни дека неговиот предлог е за да се гарантира безбедноста во регионот, по пример на трилатералните и квадрилатералните средби што ги одржува Грција,  да се направи еден договор во кој ќе учествуваат Албанија, Бугарија, Грција и Македонија и САД, а подоцна да се приклучи и Србија.

Како што јави МИА, министерот за одбрана и лидер на Независни Грци (АНЕЛ), рече дека тоа е неговата позиција како владин коалициски партнер, а одговорот што го добил од САД бил дека тие инсистираат на поддршка на Договорот од Преспа. Тој додаде дека на средба со министерот за надворешни работи од САД – земјата партнер, „имаш обврска не само да го изразиш и твоето несогласување, туку да дадеш и алтернативен предлог“.

– Во Стејт департментот доаѓам како министер за национална одбрана и штом ги решаваме прашањата што се однесуваат на Министерството за национална одбрана, имам обврска како коалициски  партнер во владата да објаснам зошто не се согласуваме со Договорот од Преспа. Позицијата на Владата е објаснета од министерот за надворешни работи, но јас нема да го гласам. А, 70 проценти во Скопје не го сакаат Договорот“, истакнува Каменос.

Инаку, како што јавуваат грчките медиуми, во нашиот сосед се води вистинска политичка војна, а во центарот се коалициските партнери Сириза и АНЕЛ, а најмногу заради две нејасни прашања за централното раководство на партијата на Ципрас – за воените бази кои би требало да ги отворат САД во Грција и планот Б за идните односи со Македонија.