Не може да постои држава и ефективен правен систем со постојано изигрување на законите, постојани аболиции, амнестирање на криминалот и корупцијата. На тој начин општеството не оди напред.
Ова, меѓу другото, го изјави академик Владо Камбовски на отворањето на петата сесија на Охридската школа на природно право на тема „Предизвиците во реформата на правниот, политичкиот и безбедносниот систем во Република Северна Македонија“.
Според него, донесувањето на законот за јавно обвинителство не е прашање на политички договор, туку приклонување на Собранието кон една нужност наложена со темелните начела на современата држава и право. Тој забележа дека законот за јавно обвинителство, во кој треба да биде вметнато и Специјалното јавно обвинителство иако 10 месеци го подготвувале експерти, се сведе на политички договор меѓу пратениците.
Законот го подготвуваше експертска група, која работеше континуирано 10 месеци, и одеднаш експертската мисла е исклучена од сето тоа и останува на некои нетранспарентни преговори меѓу пратениците. Тие немаат право на тоа. Мора да го слушаат гласот на науката за тоа какви решенија треба да бидат донесени. Погрешна е тезата дека Собранието може да прави што сака. Компетенциите на Собранието се ограничени. Нема апсолутна слобода да донесува какви било закони. Мора да донесува закони кои ги изразуваат темелните начела на современото право, на човековите слободи и права, на независноста на судството, веќе изградени критериуми, кои станаа општа сопственост на целиот развиен свет, изјави Камбовски.
И академик Таки Фити смета дека проблемот со Специјалното јавно обвинителство треба да се реши, бидејќи тоа е еден од условите за отворање на преговорите за влез на земјава во ЕУ. Посочи дека има многу тензии меѓу двете политички партии. ВМРО –ДПМНЕ ќе подготви свој Предлог закон и тој до средината на месецот ќе биде доставен до Владата за да можат да најдат оптимално решение. Според него, ова се значајни закони и треба да се земе во предвид она што бараат и опозицијата и власта, но тоа треба да биде добар закон. Фити смета дека доколку институциите се партизирани и нема квалитетни институции, тие не можат ефикасно да работат.
Партизирани институции немаат кредибилитет, не можат да испорачуваат демократија, а ако не можат да испорачуваат демократија, тогаш владеењето на правото се става на втор план, изјави академик Фити.
На отворањето на школата присуствуваше и министерот за образование и наука Арбер Адеми, кој говореше за активностите на ресорното Министерство во однос на подобрување на образовниот систем во државата. Меѓу другото, тој се осврна на изработката на новите закони во образованието.
Comments are closed for this post.