По објавата дека Европскиот суд за човекови права, во однос на предметите во кои група обвинети се судени по обвиненија на СЈО, донел одлука дека аболиција не може да се повлече откако е дадена, професорот Гордан Калајџиев потсетува дека уште минатата година предупреди дека предметите на  СЈО ќе наидат на искушенија во постапки пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, откако ќе се исцрпат сите правни лекови во домашното право.

Калајџиев во опсежна анализа „Помилувањата на претседателот Иванов во сенка на уставноста на Законот за помилување“ потсетува на случајот „Лекса против Словачка“ („Leхa v. Slovakia“) во кој се вели дека ако на луѓето им биде дадено помилување или амнестија од надлежен државен орган, согласно со Устав и закон не може да си поигрува со нивните судбини, пренесува Плусинфо.

Случајот „Lexa против Словачка“ е сериозен проблем на кои случаите на СЈО допрва ќе наидат во Стразбур, пишува Калајџиев во анализата.

Судот за човековите права во Стразбур во оваа пресуда доста детално го проучува проблемот на повлекувањето на амнестијата од аспект на човековите права, заклучувајќи дека во случајот тоа претставува повреда на Европската конвенција за човековите права. Критична била околноста дека помилувањето било законито, а повлекувањето воопшто не било предвидено со уставот на Словачка. Судот сугерира дека во таков случај кривичната постапка требало да биде запрена, а предметот да се смета за „res judicata“.

Во оваа смисла, ситуацијата во Словачка била слична со нашето право, па е многу веројатно дека одбраната ќе се повика токму на овој случај и на околноста дека според чл. 304 ст. 1 од домашниот ЗКП постапката по одлуката за помилување требала да биде запрена, што не е сторено – пишува Калајџиев.