Ниту во време на најголемата енергетска криза, СДСМ не се откажува од директни преговори и празнење на буџетот наменет за енергетика. Од една страна носат решенија за бркање на луѓе на принуден одмор, од друга страна, со непосредна спогодба, повторувам СО НЕПОСРЕДНА СПОГОДБА, прави договор на 19 милиони евра, обвинува Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ

Тој напоменува дека ЕЛЕМ, државната компанија за производство на струја, склучи спогодба и договор во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас на 19 милиони евра, за ископ на 1,4 милиони тони јаглен, откако цело лето не се копаше јаглен и земјата ја втурнаа во тешка криза.

Овој тендер доаѓа во време кога се носи и решение за принуден одмор на работници од компанијата! Од една страна принуден одмор, заради кризна ситуација, од друга страна директен договор на 19 милиони евра.

Ова е тој заклучок, тоа решение потпишано со Васко Ковачевски за принуден одмор на вработени во РЕК Битола.

ЕЛЕМ и РЕК Битола мора да одговорат како е дојдено до изборот на компанијата Марковски за зафат вреден 19 милиони евра во време на криза?

Дали имало и кои биле другите компании и зошто тие биле одбиени? Зошто се оди на непосредна спогодба кога цела година се знаеше дека треба да се копа јаглен, а тој не се копаше?

Почитувани,

дека се работи за чист интерес покажува и математиката:

ЕЛЕМ на компанија избрана по лично видување, дава 19 милиони за ископ на 1,4 милиони тони јаглен.  Тоа значи цена за тон јаглен е околу 13 евра.

Цената по која што се купува јаглен од Косово е 8 евра за тон, ако може да се верува на бројките на министерот Бектеши.

Следејќи ги бројките, ЕЛЕМ и кадрите на СДСМ, разликата меѓу увозот и директната спогодба е цели 5 евра по тон јаглен.

Блескавите во енергетика, криминогените структури во раководствата во енергетиката, кои што ја оставија државата без своја струја и се уште неплатена увезена струја, по овој последен математички нелогичен зафат во директна спогодба мора да одговорат, дали изборот на фирма во непосредна спогодба чини 5 евра по тон, односно според договорената количина, 7 милиони евра повеќе?

Неспособноста, криминогеноста, лукративноста на СДСМ ја уништи Македонија и ја втурна во кризи со катастрофални последици-oбвинува Стоилковски.