Судечкиот совет предводен од судијката Добрила Кацарска ги казни со по илјада евра и ги отстрани од судницата сите адвокати на обвинетите за настаните во Собранието од 27 април.
Адвокатите се санкционирани откако се пожалиле и бурно реагирале на условите во кои се одвивал распитот на загрозениот сведок во старата зграда на Кривичниот суд каде што беше префрлен поради технички пречки во новиот објект на судот.
Тие демонстративно излегоа од судот обвинувајќи ја судијката дека го крши правата на обвинетите, за кои Кацарска рекла дека ќе им се назначат адвокати по службена должност.
На самиот старт од денешното сведочење судијката Добрила Кацарска ја исклучи јавноста од рочиштето поради можноста да биде откриен идентитетот на сведокот.
Рочиштето за „27 април“ на кое треба да сведочи загрозениот сведок С1 ќе продолжи утре во 10 часот. На обвинетите за утрешното рочиште треба да им бидат обезбедени бранители по службена должност.
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ја смета за незаконска одлука на судечкиот совет на Кривичниот суд за исклучување на јавноста од денешното рочиште за предметот „27 април“, со која, како што посочуваат, се повредува правото на фер судење и начелото на јавност на постапката како неизоставна компонента на ова право и како гаранција за фер и законито постапување на судовите.
Со самото тоа што идентитетот на сведокот е заштитен (член 229) и истиот не се распрашува со директно присуство во судската сала туку преку технички уреди за пренос на слика и тон и замаглување на неговиот лик и глас ( член 230) се заштитува и гарантира безбедноста на заштитениот сведок. Од тие причини и законодавецот не одредил исклучувањето на јавноста да биде правило секогаш кога ќе се испитува заштитен сведок, велат од Хелсиншкиот комитет.
Од друга страна, како што посочуваат , имајќи ја предвид чувствителноста и заинтересираноста на јавноста за овој предмет, од голема важност е јавноста постојано да биде вклучена и соодветно информирана за текот на постапката
Рочиштето продолжува утре, а на претходните рочишта беа сослушани повеќе сведоци, меѓу кои пратеници, членови на собраниското обезбедување, припадници на МВР и новинари. Во своите искази тие ги објаснија нивните дејствија за време на критичниот 27 април минатата година.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.
Comments are closed for this post.