СЈО си го заслужи местото во институциите на државата. Покрај тоа што ќе продолжи да работи во неограничен мандат, најважно е што протокот на предметите што ги работеше досега нема да заврши со ниедно законско решение. Тоа значи дека без разлика дали ние ќе ги работиме одредените предмети или обвинителството за организиран криминал, сите предмети се активни и се работат.

Дали СЈО ќе работи без „бомбите“ во предметите како „Империја“, обвинителката Катица Јанева посочи дека од првиот момент кажала дека „бомбите“ секогаш биле проблематични, уште во моментот кога не биле признати од страна на судот како доказни средства. Нагласи дека СЈО секогаш во своите истраги и предистраги се трудело да прибави колку што може повеќе материјални докази и искази од сведоци за конкретните настани поврзани со „бомбите“.

„Бомбите“ олеснуваа и појаснуваа некои работи во склоп на сите други материјални и вербални докази, но сметам дека и начинот на работа без „бомби“ е предизвик за специјалните јавни обвинители и ќе се потрудиме да бидеме на висина на задачата, изјави Јанева.

Дали СЈО има доволно докази за случајот „попис“ за Али Ахмети и дали може наскоро да се очекува обвинение, Јанева вели дека се работи на предметот, што се уште е во истрага.

Прашана дали со новиот закон нема да се спаси некој од политичарите односно функционерите ако „бомбите“ нема да бидат докази, таа рече дека се е можно.

Може некој да се спаси, а некој може да биде плус обвинет. Но, ние во суштина сме задоволни што ни се  проширува надлежноста. Не сме ограничени само на бомбите бидејќи во периодот што го анализиравме сметаме дека има и други прекршувања на Кривичниот законик. Така можеби сега во одредени предистраги ќе отвориме и многу покрупни предмети од овие што ги имаме, појасни таа.

За одлуката на Врховниот суд за случајот „Империја“ за пуштањето од куќен притвор на дел од осомничените, и дали е следен Сашо Мијалков, Јанева смета дека најважно е што СЈО има доволно докази по предметите за да се продолжат истрагите и одредени предистраги на кои се работи за овие лица.

Можеби во иднина и во најбрз можен рок, ќе побараме по други предмети одредени мерки за определени лица, рече таа, додавајќи оти е можно за Мијалков да побараат притвор за друг предмет ако биде пуштен за „Империја“.