Извршниот одбор на СДСМ вечерва одржа седница на која се разговарало за повеќе актуелни теми, за референдумот одржан на 30 септември, како и за процесите што ја водат Македонија кон членство во ЕУ и НАТО.

Од СДСМ стигна соопштение, во кое известуваат за деталите од состанокот.

Огромното мнозинство, над 90 отсто од граѓаните што излегоа на гласање избраа „ЗА“ и порачаа дека Република Македонија треба да го прифати договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ со зачуван македонски идентитет. Членовите на Извршниот одбор едногласно заклучија дека сега, кога има јасно изразена мнозинска волја, пратениците во Собранието на Република Македонија треба да го следат гласот на мнозинството од над 600 илјади граѓани, да преземат одговорност и да се забрзаат процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ, стои во соопштението. 

Доколку тоа не е возможно и како што наведуваат ВМРО-ДПМНЕ и натаму ја кочи иднината на граѓаните и ја турка земјата во бездна, тогаш нема друга опција освен предвремени парламентарни избори веднаш, на кои граѓаните ќе одлучат за иднината, заклучил Извршниот одбор на СДСМ.

Извршниот одбор оцени дека треба да се искористат сите демократски можности, да им се овозможи на пратениците да го следат гласот на граѓаните и да обезбедат членство на Македонија во НАТО и ЕУ. Извршниот одбор ги овласти претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и координаторот на пратеничката група, Томислав Тунтев, да ги преземат сите потребни чекори во насока на подготовка за предвремени парламентарни избори, информираат од СДСМ и порачуваат дека никој не треба да се надева на амнестија.